Преспа-форумот буди оптимизам за регионот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи при најавувањето на Конференцијата истакна дека ова е далеку најголем настан што сме го организирале, кој претставува предизвик од секаков аспект, од организационо-технички, протоколарен, па сè до политички.

Разочарани сме што прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и за Албанија не беше решено и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери – изјави вчера во Охрид заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер, на панелот „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?“, во рамките на првата Меѓународна конференција на Преспа-форумот за дијалог.

Во својот говор американскиот претставник Палмер подвлече дека тоа влијае и врз вложувањата на САД и на ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.

– Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба – истакна Палмер.

Палмер ја подвлече важноста на историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за коишто посочи дека се примери за поголем регионален ангажман на Северна Македонија во корист на нејзините граѓаните.

Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна“ почна вчера, а се одржува и денеска во Охрид и во Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и на САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани повеќе од 100 домашни и странски новинари.

Присутен е и поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, како и значајни претставници од така наречената „Охридска група“. На највисоко можно ниво се претставени и ОБСЕ и Советот на Европа, а тука се и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу, генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани, и на Комитетот за демократии, Томас Гарет.

Во основата на Преспа-форум дијалог се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа. Овие договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за нас, туку и за регионот. На овие договори почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак, преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи при најавувањето на Конференцијата истакна дека ова е далеку најголем настан што сме го организирале, кој претставува предизвик од секаков аспект, од организационо-технички, протоколарен, па сè до политички.

– Да се биде домаќин на највисоките гости од регионот од Европа и од САД. Амбициозна конференција од меѓународен карактер со навистина импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство. Меѓу нив се речиси поголемиот број од премиерите во регионот, секако министри за надворешни работи, министри за економија, министри за финансии итн., претставници на ЕУ, претставници на многубројни мултилатерални организации, на регионални иницијативи, претставници на земји членки на Унијата, претставници на САД – изјави Османи.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето истакна дека неприкосновено право на секој народ е правото на самоопределување и да го одбере јазикот на кој зборува.

– Тоа е право на луѓето што живеат тука, а не на друга држава или која било меѓународна организација. А прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувување на европскиот идентитет и вредностите што треба да ги предводи ЕУ – рече Димитров.

Димитров посочи дека Северна Македонија успеа да го реши долготрајниот спор за името токму затоа што Грција го призна и прифати правото на граѓаните на самоопределување. Но сега земјата на патот на нејзината евроинтеграција се соочува со проблем што, како што појасни, досега бил третиран како прашање од техничка природа.

На конференцијата вчера и претходеше новата регионална иницијатива Б6, која стартуваше од Охрид, на иницијатива на Османи. Тој вчера беше домаќин на министрите за надворешни работи и нивни претставници од регионот.

Целта на новата регионална иницијатива Б6, како што информираат од МНР, ќе биде министрите за надворешни работи од регионот да се консултираат едни со други пред разни состаноци преку што ќе имаат поголемо влијание врз прашањата од заеднички интерес. Иницијативата е замислена како политичка платформа наменета за продлабочување на соработката и врските меѓу земјите од регионот, налик на сличните форуми во рамките на европските земји, како што се Ц5 или В4.

Бизнис-панел: Поврзувањето ќе донесе просперитет

Во регион со 80 милиони жители потребно е да разговараме за градењето на нашата иднина заедно. Регионалната конкурентност ќе ја зајакне отпорноста на регионот и ќе донесе просперитет за нашите граѓани. Создавањето на заеднички пазар на трудот, ќе донесе просперитетна иднина на економиите и истовремено ќе ги подготви за влегување на висококонкурентниот европски и глобален пазар – истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на сесијата за економија и бизнис насловена „На патот кон подобра поврзаност и интегриран регионот – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?” во рамките на Првата меѓународна конференција на „Преспа форум за дијалог“ во Охрид.

На форумот се обрати и министерот за финансии Фатмир Бесими, кој се осврна на влијанието на пандемијата од ковид-19, која рече имаше и позитивни ефекти во градењето на свеста на национално и на регионално ниво дека за справување со неа потребен е глобален заеднички одговор. Стопанственикот Антони Пешев на сесијата во контекст на придобивките за бизнис секторот од зајакната регионална соработка ја нагласи коморската соработка која, како што рече, придонесе за побрз развој и интеграција на регион.

Фокусот мора да се стави на младите луѓе

Неопходно да се инвестира во младите и во нивната енергија и вештините, со што ќе се подобри општеството и можностите кои ги нуди – истакна амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз на младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот“ испратена од Отешево во рамките на првата конференција „Преспа форум за дијалог”.

– Нашата визија за иднината на Западниот Балкан е во рамките на ЕУ, Балкан кој ќе помогне Европа да стане посилна и постабилна – рече Брнз пред младите во Отешево.

Амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, забележа дека младите од регионот ги споделуваат истите проблеми со своите врсници од Северна Македонија. ЕУ, нагласи тој, ги поддржува процесите и настаните за младите во регионот за што се издвоени 15 милиони евра.

Министерката за образование Мила Царовска рече дека младите се најважниот ресурс со кој една држава располага.

– Само преку нивното единство во границите на својата земја, но и преку активизам, градење пријателство и партнерство со младите од соседството, од регионот и светот може да ги постигнат личните цели и постојано да поставуваат уште повисоки, а со тоа да ѝ помогнат на државата да оди напред – рече Царовска.

На младинскиот форум учествуваа и министерката за спорт и млади на Албанија Евис Куши и министерката за култура на Косово, Даулина Османи.