Бугарија заинтересирана за „Клепало“

Договорот за граничниот премин Клепало е потпишан во 1993 година, а нашата земја уште во 2001 година изгради пат и терминална зграда, а бугарската страна се уште не го завршила ниту патот до преминот 

Оваа година се очекува да бидат одобрени средства од ИПА 3 со кои Бугарија ќе ја гради и ќе го опремува објектот, а ние ќе го реновираме и ќе го опремиме

Софија планира да издвои 9 милиони евра за изградба на граничниот премин „Клепало“ меѓу Струмјани и Берово, кој е стратешки проект за Бугарија и Северна Македонија, изјави бугарската заменик-министерка за регионален развој и јавни работи Деница Николова за „Бугарија он ер“, пренесе МИА. 

Договорот за Клепало е потпишан во 1993 година за подобрување на поврзаноста помеѓу двете земји, олеснување на трговијата и поттикнување на туризмот.

Нашата земја уште во 2001 година изгради пат и терминална зграда, но сите овие години се чека на бугарската страна која се уште не го завршила ниту патот до преминот. 

За изградба на објект и опремување на самиот граничен премин од бугарска страна и реновирање и опремување на објектот од македонска страна, се планираат средства од ИПА 3 програмата за прекугранична соработка до Бугарија, кои во текот на оваа година треба да бидат одобрени од ЕУ. Се работи за средства од над 3 милиони евра. 

Николова денеска потенцира дека во досегашното 17-годишно партнерство во областа на прекуграничната соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, заеднички се реализирани 230 проекти, од кои 60 се во рамките на претпристапните програми на ЕУ, а останатите 170 се спроведени во двата програмски периоди од 2007 година, па до сега.

Во периодот до 2027 година, таа најави дека Бугарија планира да инвестира 50 отсто повеќе средства во развој на пограничните региони со Република Северна Македонија во рамките на програмата за прекугранична соработка, во однос досега издвоените нешто повеќе од 19 милиони евра.

„Од 2014 година одвоивме над 19 милиони евра. Имаме 65 отсто искористеност на средствата, што значи дека проектите се успешно договорени и се реализираат на време и со поставените цели. Програмата, исто така, го поддржува подобрувањето на животната средина, развојот на туризмот, културата и слично“, 

додаде Николова.

Во следните години програмата треба да се фокусира на развој на економскиот потенцијал и поддршка на компаниите што создаваат работни места, вработувања и можат да го зголемат животниот стандард и приходите.