Грчката влада под притисок поради афера за силување малолетници: Портпаролот поднесе оставка

Портпаролот на грчката влада Христор Тарантилис поднесе денес оставка повикувајќи се на „семејни причини“, додека власта е на мета на критики поради афера за силување двајца малолетници.

57-годишниот Тарантилис во писмо до премиерот Киријакос Мицотакис наведе дека од семејни причини повеќе не може да биде портпарол на владата, но дека ќе остане пратеник на владејачката конзервативна Нова демократија.

Тарантилис стана портпарол пред помалку од два месеци, на почетокот на јануари за време на козметичката реконструкција на владата, а на тоа место ќе го наследи Аристотелија Пелони, неговата досегашна заменичка.

Десничарската влада е на мета на критики на опозицијата и медиумите кои ја обвинуваат власта дека сака да го прикрие случајот на сменетиот директор на грчкиот Народен театар Димитрис Линјадис, кого го именувала владата.

Тој е во притвор, обвинет за две силувања на малолетници.

Левичарската опозиција и медиумите бараат оставка на министерката за култура Лина Мендони која го именувала Линјадис за директор на театарот.

Во Грција во последните два месеци се зголемува бројот на пријави и истраги на случаи на сексуално малтретирање во областа на спортот и културата.