Бугарија многу често почна да се меша во внатрешните работи на Македонија

Грубо мешање во внатрешните работи на земјава, вака претседателот на државата Стево Пендаровски го оквалификува потегот на бугарскиот претседател Румен Радев кој ги повикал шефовите на бугарските специјални служби и побарал од нив да преземат мерки поради, како што се вели, честите случаи на агресија врз Бугарите во Македонија. Шефот на државата наведува дека досега нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава. Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи.“, рече Пендаровски.

И премиерот Заев оценува дека наводите на бугарскиот претседател се мешање во внатрешните работи на земјава. Тој ги отфрла обвинувањата дека постојат случаи на кршење на човековите права, напротив вели тој, во Македонија секој има право да се изјасни за својата етничка припадност.

„Испраќам силна порака до соседна Бугарија која што гледам дека претседателот Радев свикал состанок, да бидеме внимателни заради тоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за било која нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор на наша загриженост. Да не потпаѓаме под било какви инсинуации или неточни информации, секој пат можеме да ги провериме. Недозволиво е прво мешање на туѓа земја во туѓа земја, ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство добрососедство и соработка со Бугарија“, вели Заев.

Со соопштение реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде бараат Владата да го осуди однесувањето на бугарскиот државен врв за заканите врз интегритетот на државава.

„Владата треба најитно да го осуди однесувањето на Радев, Захариева и другите бугарски политичари кои се закануваат врз интегритетот на државава. Владата треба веднаш да ги извести сите меѓународни претставници во Македонија, ЕУ и НАТО за однесувањето на Радев, во спротивно Заев ќе биде директно виновен за поткопувањето на суверенитетот на државата и ќе сноси одговорност во иднина“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Бугарскиот претседател Радев на состанокот кој го свикал со шефовите на бугарските специјални служби побарал да се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои, како што се наведува, се изложени на напади поради нивната национална свест. По ова се јави и бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева која изјавила дека во Македонија имало притисоци врз лица кои се декларирале како Бугари. Ваквата реакција инаку доаѓа по писмото од здружението „Иван Михајлов“ од Битола во кое било наведено дека им биле нарушени нивните права.„

Слични вести

Спорт