Резултати на косовските избори: Партијата на Курти освои речиси половина од гласовите

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) ги објави конечните резултати од вонредните парламентарни избори одржани на 14 февруари, според кои апсолутен победник, со освоени 49,95 отсто од гласовите и 58 пратенички места, е партијата на Албин Курти, Движење самоопределување (ВВ), јави дописникот на МИА од Приштина.

Второрангирана, со освоени 16,9 отсто , е Демокртската партија на Косово (ПДК), додека досега владејачките, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) освоија по 12,64, односно 7,07 отсто од гласовите.

Според овие резултати, кои ќе станат конечни по истекувањето на законскиот рок за жалби, ПДК обезбеди 19, ЛДК 15, а ААК осум пратенички места. Десет места во 120-членото Собрание на Косово, според Уставот, се резервирани за претставниците на српската заедница, а исто толку и за оние на помалите етнички заедници.