Во Хрватска откриен бразилскиот вид коронавирус

Научниот тим на Лабораторијата за напредна геномика на Институтот „Руѓер Бошковиќ“ идентификуваше присуство на мутација на бразилскиот вид на коронавирус во Хрватска.

Од вкупно 50 анализирани примероци, во еден примерок е потврдена мутација во шилестиот протеин во позицијата E484K, кој е утврден во бразилскиот вид на коронавирус, односно варијантата Б.1.1.28, објави Институтот „Руѓер Бошковиќ“.

Во текот на декември 2020 година, јануари и февруари 2021 година се собрани примероци од три хрватски градови – Загреб, Чаковец и Осиек, а бразилскиот сој беше потврден на примерок од Загреб.

Покрај бразилскиот сој, во анализираните примероци не е потврдено присуството на мутација во шилестиот протеин на позицијата N501Y, односно присуството на т.н. британски вид.

makfax.com.mk