Нови најави наместо помош среде криза

„Нема доцнење во донесувањето на петтиот сет анти-кризни мерки, туку тоа е дискутабилно прашање, за кое ние мислиме дека тие доаѓаат во прав момент“, порача денеска од Прилеп, вице-премиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, притоа не приецизирајќи точно кога ќе биде донесен овој пакет мерки на кој стопанствениците и граѓаните веќе нестрпливо чекаат.

  „Во суштина, вие може да кажете дека требало да бидат донесени на 1-ви јануари, стопанствениците велат дека треба на 1-ви февруари, ние велиме ќе бидеме таму, и веројатно наредните денови, многу брзо, да не кажам број на денови, ќе го усвоиме откако ќе постигнеме консензус дека решенијата се во духот на закрепнување, заздравување и рестарт на економијата. Затоа што само така мерките навистина ќе бидат прво изводливи и второ, ќе стигнат таму кај што е најпотребно“, рече вице-премиерот Битиќи.

   Вице-премиерот Битиќи, пред носењето на овој пакет анти-кризни мерки, за утре најави, како што рече, и последна средба со сите стопански комори, а додека во понеделник ќе имало средба со синдикатите и организацијата на работодавачите, со цел, следната недела пакетот да биде финализиран, а и да се извршела проверка за тоа кои биле можностите на Буџетот.

    Инаку, петтиот пакет анти-кризни мерки ќе тежи 50 милиони евра, а мерките, според најавите од Министертсвото за економија, треба да бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на приходите и на отпуштањето на работници.

    Во меѓувреме, додека се крои овој сет-мерки, и понатаму има бројни реакции од различни сектори, а кои не се опфатени со овие мерки, онака како што тие сметаат дека треба да им се помогне.