Контроверзната принцеза Латифа е прислушувана со помош на Пегаз

Телефонскиот број на контроверзната принцеза Латифа е на списокот со броеви што ги користел шпионскиот софтвер Пегаз, објавија некои медиуми.

Принцезата Латифа е ќерка на владетелот на Дубаи, која во февруари годинава тврдеше дека е киднапирана, како и дека се плаши за својот живот. Друг член на кралското семејство на Дубаи, принцезата Хаја, побегна од својата татковина, исто така тврдејќи дека престојот е закана за нејзината безбедност.

Обединетите Арапски Емирати претходно оваа година ги демантираа тврдењата на двете принцези, кои сега се во центарот на аферата со прислушувањето.

Имено, нивните телефонски броеви се меѓу 50.000 броеви, наводно, собрани од шпионскиот софтвер „Пегаз“, кој е во сопственост на израелската НСО Груп.

Списокот стигна до јавноста пред неколку дена, а во него има државници, новинари, активисти и луѓе од интерес ширум светот. Францускиот претседател Емануел Макрон е само едно од имињата што биле прислушувани со помош на Пегаз.

Сознанието дека телефонскиот број на принцезата Латифа е исто така на списокот предизвика сомневања дека таа била цел на клиент на НСО Груп. Организацијата која се занимава со заштита на човековите права , Амнести Интернешнл, издаде соопштение во кое се наведува дека НСО ги загрозила целото човеково право и со тоа ја загрозила безбедноста на принцезите Латифа и Хаја, иако компанијата веднаш ги отфрли сите обвинувања.

Израелската компанија посочи дека софтверот е направен за борба против тероризмот и криминалот и дека е достапен само за армијата и безбедносните агенции ширум светот.

Пегаз се смета за најмоќен шпионски софтвер некогаш направен и може буквално секој телефон да го претвори во уред за надзор кој го следи корисникот 24 часа на ден.

Овој моќен систем има можност да зарази милијарди телефони со системи iOS и Android. Најраната верзија на Пегаз, која беше откриена во 2016 година, влезе во телефоните преку СМС-пораки или е-пошта што содржеа линк каде се наоѓаше малициозниот софтвер. Оттогаш, НСО ја унапреди технологијата и се префрли на таканаречениот нулти-клик, кој не бара никаква интеракција помеѓу сопствениците на телефоните.

blank
blank
blank