Sony најави нов уред за виртуелна реалност за PlayStation 5

PlayStation 5 најрано следната година ќе добие надграден сет за виртуелна реалност. Новиот сет ќе биде со драматично подобри перформанси и интерактивност, но за жал нема да излезе во 2021.

„Откако ќе го стават новите сет играчите ќе почувствуваат уште поголемо чувство на присуство и ќе бидат уште понавлезени во светот на видеоигрите“, вели Sony на својот блог.

За жал со првата најава не добивме никакви детали за сетот. Овој пат поврзувањето со конзолата е со еден кабел што ќе го олесни користењето. Што се однесува до контролерите дел од функционалностите на DualSense ќе бидат присутни и на новиот VR-контролер.

Сетот кој корисниците можат да го користат во моментов излезе за PlayStation 4 во 2016, и сега е прилично застарен. Резолуцијата од 1920х1080 ниту тогаш не беше импресивна, а денес е веќе и не е нешто што треба воопшто да се спомене. Најголем дел од сетовите за виртуелна реалност сега доаѓаат со поголема резолуција и поширок агол на гледање.

Дополнителен проблем за сопствениците на стариот сет е неможноста да ја приклучат камерата на PlayStation 5 без дополнителен адаптер.

Што се надеваме дека ќе видиме

Без разлика каков е квалитетот на технологијата која ќе ја понуди Sony во новиот сет за виртуелна реалност, за зголемување на интересот цената на уредот море да биде пониска. Се надеваме на цена под 200 долари. Во оваа цена треба да биде вклучено сè што е навистина неопходно за работа на уредот.

Ова можеби изгледа и како неостварлива ниска цена во моментов, но цената на сетовите за виртуелна реалност е пониска од пред 5 години. На пример, Facebook го продава Oculus Quest 2 за 300 долари, но за разлика од сетот на Sony, Quest 2 е самостоен уред.

Еден од најголемите проблеми на технологијата е недостатокот на навистина квалитетна содржина. Ова веројатно е и разбирливо со оглед на малиот број на продадени уреди. За да се привлечат повеќе играчи сепак ќе бидат потребни или поевтини уреди или повеќе квалитетни содржини.

Претходната верзија на сетот за виртуелна реалност се продаде во околу 5 милиони копии. Со оглед на недостатокот од вистински квалитетна содржина оваа бројка и не е занемарлива. Дел од игрите кои се достапни во виртуелната реалност се: Astro Bot: Rescue Mission, Tetris Effect, Blood & Truth, Moss, Beat Saber и Resident Evil 7 biohazard.

Она што е огромна предност е сегашниот хардвер на PlayStation 5 кој е навистина моќен. Тоа е одлична можност за поквалитетна виртуелна реалност. Дополнително и технологијата од новиот контролер на PlayStation 5 се чини дека ќе биде одлична надградба за контролерите кои Sony може да ги направи за виртуелната реалност.

Со оглед на моќта на конзолата виртуелна реалност за PlayStation 5 може да биде навистина импресивна. Новиот сет би можел најрано да излезе во 2022 година, но за ова сепак ќе почекаме официјална најава.