ЕК за изјавата на Радев за изјаснувањето на Бугарите во С Македонија: Да не се политизира пописот

Евростат постојано го поддржува Државниот завод за статистика да ги усогласи статистиките со стандардите на ЕУ, вели портпаролката Писонеро за МИА

Сите страни да се однесуваат конструктивно и да не го политизираат пописот, апелира Европската комисија.

На прашање на МИА во Брисел да го коментираат состанокот на бугарскиот преттседател Румен Радев со безбедносните служби за наводно непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во нашата земја непосредно пред пописот, од Европската Комисија ја охрабруваат Северна Македонија да го спроведе пописот во согласност со сите европски стандарди и регулативи.

„Евростат постојано го поддржува Државниот завод за статистика да ги усогласи статистиките со стандардите на ЕУ. Пописот треба да остане статистичка операција, а не политичка, и ги повикуваме сите кои придонесуваат за пописот да го прават тоа на конструктивен начин“,

изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Македонската влада и претседателот оценија дека ваквиот поттег на бугарскиот претседател е непотребен во услови кога земјите се членки на НАТО и дека ова е мешање во внатрешните работи.