Протест на угостителите кои организираат свадби, ќе блокираат во Автокоманда

МВР најавува посебен режим на сообраќајот на крстосницата помеѓу бул.„Александар Македонски“, ул. „16-та Македонска бригада“ и ул. „Интернационални бригади“ по најавениот протест од 14 до 17 часот денеска, како и во понеделник и вторник следната недела.

Протестот е организиран од страна на сопственици на ресторани за организирани настани, претставници на фото-студија и музички бендови кои бараат протоколи за да може да работат.

Перица Голомеиќ, сопственик на угостителски објект и еден од организаторите на протестот вчера за ТВ 21, изјави дека нивниот сектор не бил опфатен како што очекувале со петтиот пакет владини мерки.

„Од 26 јули ни е воведна забрана за вршење на нашата примарна дејност, забрана за крштевка, свадба, коорперативен настан. Поради тоа ќе ја блокираме крстосницата на булевар Александар Македонски во Автокоманда од 14 до 17 часот, со цел да испратиме апел до Владата да ни издаде протокол за работа. Првенствено да работиме. И да ни помогне финансиски, затоа што ние ги плаќаме нашите обврски и веќе не можеме да продолжиме со тој интензитет“, вели Голомеиќ.

На прашање колку помош добиле од државата и колкави се загубите, тој рече дека добиле парцијална помош за плати.

„Шест месеци државата, а пет месеци ние ги финансираме платите. Од тие причини ние излегуваме на протест, а излегуваат и од другите дејности како што сте музичари, фотографи, атељери за венчаница. Немаме делумна попреченост, ние сме 100% попречени, па загубите се огромни, неколку стотици илјади евра“, тврди Голомеиќ.