Санацијата на депонијата Русино ќе започне во март, надзорот ќе го врши Инспекторатот за животна средина

Интервентните мерки за контрола на исцедните води и организациските подобрувања на приемот и отстранувањето на отпадот на депонијата Русино ќе започне во март, а надзорот ќе го врши Државниот инспекторат за животна средина, информираат оттаму.

Ова е една од договорените активности од координативната средба која ја иницираше Инспекторатот за животна средина со Центарот за развој на Полошкиот плански регион, општината и Јавното комунално претпријатие во Гостивар, како и Регионалното претпријатие за управување со отпад.

Од Инспекторатот исто така информираат дека пред да отпочнат работите, тие ќе ја добијат на увид проектната документација и динамичкиот план за реализација на активностите, со цел, како што велат, соодветно да се планираат редовните и вонредните надзори.

Во однос на надзорот, од Инспекторатот посочуваат дека ќе имаат и константа комуникација и со претставници на иницијативата „Стоп Русино“ со цел соработка и размена на информации со граѓаните, во однос на начинот и резултатите од неговото спроведување.

Во меѓувреме, на координативниот состанок е договорена и координирана акција на државни и локални инспектори за мапирање на ѓубриштата, по кое, како што додаваат, градоначалниците на општините во Полошкиот регион ќе добијат известување од Инспекторатот за да организираат чистење во согласност со закон.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во декември минатата година пак, издаде наредба за итно спроведување на брзите мерки на депонијата Русино, откако претходно во септември беше донесена одлука таа привремено да се санира, и да се бара нова локација во рок од пет години.

Проблемот со депонијата се актуелизираше уште во јули минатата година кога гостиварци го изразија нивното незадоволство преку неколку протести. Подоцна во август беше организирана и блокада на патот кој водеше до депонијата, а која траеше речиси два месеци.