Преговорите со Македонија засега не се на дневен ред на ЕУ

Португалското претседателство треба да го одржи вториот министерски состанок за општи работи идната недела, но проширувањето и преговорите со Северна Македонија и натаму не се на дневен ред, јавува дописничката на МИА од Брисел.

На 23 февруари ќе се одржи вториот состанок на министрите за европски прашања откако земјите членки во ЕУ за првпат не усвоија никакви заклучоци за западниот Балкан, а Северна Македонија беше блокирана од Бугарија за почетокот на преговорите.

„Ниту на овој состанок нема да биде прашањето на дневен ред, немаме коментар за ова во моментов, работиме на овие прашања, но, нема да бидат дел од дискусиите“, изјави висок дипломатски извор од Брисел за МИА.

Во декември минатата година Чешка и Словачка одлучија да ги блокираат заклучоците за проширувањето поради тоа што во нив беше вметнато барањето на официјална Софија поврзано со “погрешното толкување на историјата“. Претходно Софија ја блокираше и преговарачката рамка за Северна Македонија.