Спасовски: Во план е електронски конзулат, иселениците за документи ќе аплицираат дигитално

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска имаше работна средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, директорот на Управата за водење матични книги Бујар Дарлишта како и претставници од министерствата на која беа разгледани можностите за формирање на дигитален, односно електронски конзулат, преку кој нашите граѓани кои се наоѓаат надвор од границите на Република Северна Македонија нема да има потреба да аплицираат за  документи  во  амбасадите и дипломатско  конзуларните претставништва во земјите каде што престојуваат, туку  истите документи ќе ги добиваат по дигитален пат.
Министерот Османи нагласи дека идејата е да се дигитализира целокупниот процес, а сега се иницира бидејќи периодов се активира дигитализацијата на два процеса, и тоа идентификација со мастер кард и електронскиот регистар. Министерот Спасовски потенцираше дека постои силна волја за реализација на еден ваков проект  – дигитален конзулат,  што во целост ќе ја олесни постапката на нашите граѓани при навремено завршување на административните  обврски.
Министрите се согласија дека заеднички  со максимални активности ќе се работи на  реализација на овој проект. На средбата беше разгледана и можноста да се искористат позитивните примери од Словенија, Албанија и Романија, но и да се направат потребните законски измени, како и формирање на работни групи од двете министерства, една во делот на технологијата, друга во делот на правната регулатива.