Антикорупциска: Ќе се бориме против зделката во четири очи, Уставен суд и Пендаровски да помогнат!

Легитимно прашање е зошто ако нема ништо спорно во фактот дека Владата решила да го избере „Бехтел и Енка“ за свој стратешки партнер, не го поднесе законот по редовна постапка, велат од ДКСК

Антикорупциската комисија не се откажува од намерата пред Уставниот суд да го оспори Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер (во случајот американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“), доколку Собранието го игнорира нивното укажување. Законот ќе ѝ овозможи на оваа компанија без тендер да ги проектира и да ги гради делниците од Коридорот 8 и 10.

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Слободен печат“ вели дека се изненадени од односот на пратениците, но тие ќе продолжат да си ја вршат работата, да превенираат и да укажуваат на сето она што се коси со јавно искажаната намера за борба против корупцијата. Покрај ова, Ивановска додава дека ќе побараат од претседателот Пендаровски да не го потпишува указот за законот, а уште еднаш писмено ќе ги достават нивните забелешки и до спикерот Талат Џафери, за поголема тежина.

– Секој треба да си ја врши својата работа. Не чувствувам одговорност по вчерашниот такаречи игнорантски однос на пратениците по нашето укажување. Тоа што го прават не е етички. Борбата против корупцијата е тимска работа, но за жал тимот не функционира. Уште кога дебатиравме за Националната стратегија за борба против корупцијата, јасно и гласно укажавме дека треба да престане практиката на носење закони по скратена постапка. Но, за жал, тоа продолжува и покрај фактот дека се работи за многу важни државни проекти, како што е градењето на автопатишта. Јасно и гласно ги упативме нашите забелешки и за Законот за стратешки партнер, но и тоа не се почитува. Што да се каже, кога и покрај сите критики и дебати, Владата упорно го турка Законот за легализација на дивоградбите – резигнирана е Ивановска. И по сѐ, нејзиното легитимно прашање е зошто ако нема ништо спорно во фактот дека Владата решила да го избере „Бехтел и Енка“ за свој стратешки партнер, не го поднесе законот по редовна постапка.

– Тогаш ќе имаше простор за дебата и целата постапка ќе се водеше на транспарентен начин, а јавноста ќе слушнеше за што се работи – децидна е Ивановска.

„Слободен печат“ се обрати и до Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупцијата, со прашање зошто Владата ја игнорира препораката на Антикорупциската комисија, но до крајот на работното време не добивме одговор. Да се гради во директни преговори со само една фирма, без тендер, беа против од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие изразија загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата, договара изградба на крупен инфраструктурен проект

Инаку, Предлог-законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер, по скратена постапка доби виза од собраниската Комисија за финансирање и буџет. Предлагачи се Јован Митрески (СДСМ), Арбр Адеми (ДУИ), Кастриот Реџепи од БЕСА и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците. Реџепи и Рашиди ја образложија итноста со фактот дека се воделе од јавниот интерес – што побрзо да започне изградбата на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола!

Владата кон крајот на март соопшти дека потпишале Меморандум за соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со кој тие целосно ќе ги проектираат и изградат овие делници по принципот „клуч на рака“. Претседателот на Комисијата, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека опозицијата е за изградба на автопатишта, но забелешките околу самиот закон ќе ги соопштат на пленарна седница. Од Левица посочија дека ова е здружена зделка на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, со која е одобрен скандалозен закон за градење автопат без тендер.

Интересно е што единствената дискусија, но и четирите поднесени амандмани, дојдоа од Љупчо Балковски, од ВМРО-Народна партија, но тие не беа прифатени од другите членови на Комисијата. Балковски побара во Предлог-законот да влезе и барањето „Бехтел и Енка“, освен овие делници да градат и други неизградени автопатишта во земјава. Тој предложи и изградбата да биде по пат на концесија, чиј рок ќе го утврди Владата, бидејќи смета дека ќе чинат и над 1 милијарда евра, пари кои ќе треба да се обезбедуваат од кредити. Инаку, во предлогот е наведено дека изградбата ќе се финансира од Буџетот, но без конкретно наведена сума.

За потсетување, во предлогот стои дека „Бехтел и Енка“, иако треба да се и проектанти и изведувачи, нема да одговараат за грешки на проектантот. А уште поспорно е што стои дека делумно или целосно нема да важи домашното законодавство. На стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да ги користи своите лаборатории за тестирање по калибрација на опремата за лабораториско тестирање. Исто така, на стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да увезува и да користи материјали или производи за извршување на работите од проектот, без тие да бидат локално сертифицирани во државава, под услов тие материјали или производи да се сертифицирани во согласност со Европските стандарди за употреба на автопатишта или имаат издаден CE сертификат.

Македонија веќе има искуство со директно договарање на изградба на автопатишта, без тендер, во 2013 година, Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Партнер тогаш беше кинески „Синохидро“.

Слични вести

Спорт

blank
blank
blank
blank