Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев: И во 21 век најголемиот проблем е во патната инфраструктура

Немањето пристапен пат во населени места е како да ни избегал возот, и тоа мора да се промени со зголемувањето на буџетите за капиталните инвестиции, вели Илијев

Жалосно е што и во 21 век најголем проблем за граѓаните е патната инфраструктура, но ние како локална самоуправа овие проблеми ги решаваме со зголемувањето на капиталните инвестиции во овој дел, вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Тој во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема учество на граѓаните во носењето одлуки од јавен интерес на локално и на државно ниво, зборуваше за предизвиците, но и дека како прв човек на општината настојува да се дебатира заедно со граѓани за нивните потреби и приоритети.

„Ние сме едно општество кое сè уште имаат огромни проблеми во инфраструктурата, посебно во патната инфраструктура. Ние, на жалост мора прво да ги решиме овие клучни проблеми кои се најважни за граѓаните во 21 век. Потоа, секако дека постои интерес за други проекти кое се од различна природа. Сите се ставени на маса, а најдобрите проекти ја добиваат поддршката“, 

вели Илијев.

Тој спомена дека минатата година во Кочани се реализирани рекорден број на капитални проекти и спомена дека секоја година се зголемува буџетот во овој дел. Додава дека понекогаш се чувствува како му „избегал возот од железничка станица“, бидејќи во многу населени места и населби и по речиси 30 години, сè уште нема пристапен пат.

„Се чувствувам како постојано да трчам повозот кој ми побегнал од железничка станица. Затоа што, каде и да одам, во која било населба или населено место секогаш се соочувам со немање на пристапен пат. Тоа е чувството на воз кој ни побегнал од железничка станица. Сметам дека ова може да го решиме само со зголемување на капиталниот дел во нашите општински буџети. Нашата локална самоуправа со овој концепт и принцип на работа со постојано зголемување на капиталните инвестиции, ќе овозможи еден ден да не бидеме дел од вагоните, туку да бидеме дел од локомотивата која ќе помогне да продолжиме напред“,

вели Илијев.