Досега вакцинирани 642 здравствени работници и над 58 000 пријавени граѓани

Вакцинацијата се спроведува на шест вакцинални позиции во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота

Од средата кога официјално започна вакцинацијата против ковид-19 во нашата земја, во модуларната болница, која засега е единственото место каде се врши имунизацијата, првата доза од вакцините „Фајзер“ ја примиле над 600 лекари и медицински персонал (бројка до вчера попладне). 

Вакцинацијата се спроведува на шест вакцинални позиции во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота.

Во меѓувреме, граѓаните можат да се пријават на веб страницата vakcinacija.mk, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70 – годишна возраст за кои вакцинацијата почнува веднаш после здравствените работници во првата фаза. 

Заклучно со вчера, досега на веб страницата се пријавиле 58 500 граѓани, додека преку матичен лекар 32 917 граѓани над 70 години.

Вакцинацијата во моментов се одвива со вакцините на „Фајзер“ кои земјавата ги доби како донација од Србија (4 680 дози), кои се дел од пакетот од 8 000 договорени.

Кон крајот на месецов (следната недела), во земјава се очекува да стигнат и 200 000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“.

Државава преку Ковакс механизмот има обезбедено 833 000 дози вакцини. Правата испорака која ќе пристигне во нашата земја ќе биде со вакцината „Астра Зенека“, од која првата количина е планирано да стигне во март.

Од оваа вакцина за нас се предвидени меѓу 103 200 и 175 200 дози, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. 

Прашан дали ќе се набавува и руската вакцина „Спутник В“, и дали се игнорираат овие понуди, премиерот Зоран Заев вчера рече дека набавката на вакцини во земјава се прави плански, без да се дојде во ситуација да се набават повеќе вакцини од потребното. 

„Прво не се работи за никакво игнорирање, ние секој пат со достојна почит постапуваме кон сите добронамерни понуди. Се работи пред се за одговорност, ако имате предвид дека сте ставиле потпис во Ковакс системот, па дури и сте авансирале 20 отсто и сте платиле дел од парите за вакцината, сте потпишале директен договор со ‘Фајзер’ и ги калкулирате првите дози од 800 000… ЕУ официјано објави, 70 милиони евра за Западен Балкан, при што може да се пресмета колку количини има за нас“, 

изјави Заев.

Слични вести

Спорт