Новиот Закон за безбедност и здравје при работа се очекува до крајот на годинава

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година и оттогаш се направени низа истражувања кои покажуваат дека не е постигнат очекуваниот прогрес во унапредувањето на условите за работа и превенцијата на професионалните болести и повреди на работа.

Податоците на Македонското здружение за заштита при работа, кое од 2008-та секоја година редовно објавува извештаи за повреди и несреќи на работното место, покажуваат дека во 2019 година, стапката на смртни случаи при работа е намалена, но стапката на повреди на работното место е зголемена. Така, според последниот извештај, кој се однесува за 2019 година, евидентирани се 178 несреќи при работа, од кои 25 биле со фатални последици. Стапката на смртни случаи изнесува 3,19 што значи дека на секои 100 илјади вработени, умираат 3 до 4 работници што е прилично висок процент во однос, на пример, на Велика Британија ,каде стапката е 0,5. Во однос пак на повредите на работа, стапката е 19,18 и таа е повисока во споредба со 2018 година, кога изнесувала 16,3.

Ова укажува на потребата од донесување на нов закон за заштита и безбедност при работа, кој според Здружението, треба да биде јасен и недвосмислен во практичната примена и треба да ги земе предвид мислењата на сите заинтересирани страни од областа на БЗР.. Ставот на Здружението е дека законот треба да биде донесен час поскоро, имајќи ги предвид новите ризици на работното место што ги наметна пандемијата на Ковид-19 и потребата од ревизија на проценките на ризик на сите работни места каде постои опасност од заразување со новиот вирус.

 Единствено заштитен работник може да биде продуктивен и да произведе квалитетен производ или да даде квалитетна услуга. За тоа неопходно е работодавачот да преземе превентивни мерки и активности за безбедност и здравје при работа. За да имаме мотивиран работник, потребвно е работодавачот да го награди соодветно со плата и други надоместоци што му следуваат, а истовремено да ја подобри и безбедноста и здравјето при работа. Истовремено е потребна и директна финансиска помош од страна на државата во стимулирање на превентивниот аспект на безбедноста и здравјето при работа на ниво на компании, велат од Македонското здружение за заштита при работа.

Од Министерството за труд и социјална политика, под чија надлежност е овој закон, за МИА изјавија дека е подготвен Нацрт-текст на законот, кој согласно плановите, се очекува да биде готов до крајот на оваа година. Со него треба да се подобри практична имплементација и да се надминат слабостите, проблемите и недостатоците на актуелниот закон кои беа идентификувани во изминатите, повеќе од десет години.

– Во текот на 2020 година, пред сè поради општо познатите состојби поврзани со глобалната здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, реализацијата на овој процес на ревидирање на законската рамка за БЗР се одвиваше со намалена динамика, но истиот не беше и запрен. Така, кон крајот на 2020 година веќе е подготвен првичен нацрт-текст на новиот Закон за безбедност и здравје при работа, со кој се настојува да се воведат и одредени промени и новини во начините и специфичностите на законското регулирање на безбедноста и здравјето при работа. Овој подготвен нацрт-текст и понатаму (во текот на 2021 година) ќе биде предмет на понатамошни консултации и усогласувања, за да се дојде до законско решение кое ќе биде прифатливо и значително подобрено и унапредено во однос на постоечкото, потенцираат од МТСП.

Паралелно со законот, како што велат од ресорното Министерство, во претстојниот период во консултација со засегнатите страни ќе се работи и на унапредување на секундарната легислатива, т.е. правилниците во областа на БЗР.

Нагласуваат дека целиот процес се води низ една инклузивна дебата со цел да се изработи законско решение кое ќе обезбеди поздрави и побезбедни работни места во државата.

Процесот на консултации со различни субјекти од областа на безбедноста и здравјето при работа е почнат од 2019 година, кога се одржани неколку консултативни работни средби со цел да се обезбеди широка партиципативност и транспарентност на процесот. Кон крајот на март 2019 година во координација на МТСП одржани се три посебни средби со претставници на работодавачите и стопанските комори, со синдикатите и со стручни лица и експерти од областа на безбедноста при работа, медицината на трудот и академска јавност. Своите мислења и конкретни предлози во писмена форма тие ги доставиле до Министерството, по што во октомври 2019 година е одржана заедничка средба на која се презентирани и дискутирани сите дотогаш добиени предлози и препораки.

Македонското здружение за заштита при работа и Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика” неодамна ја објавија и публикацијата „Безбедност и здравје при работа – Мониторинг на состојбата” во која меѓу другото ги детектираат слабостите при имплементацијата на законот.

Како главен проблем при имплементацијата се посочува човечкиот фактор, а како причини за недоследната примена – финансискиот аспект, едукативниот фактор, факторот на свест и одговорност.

– Недостатокот на разбирањето за значењето на превенцијата од повреди, професионални болести и смрт на работните места (како последица на несреќа или повреда) претставува значаен негативен фактор во примената на нормите предвидени во целокупниот правен систем за БЗР. Законските одредби, иако имаат голем број недоследности, најголем удар добиваат токму од непримената или делумната примена во пракса, која во многу случаи е резултат на немањето свесност и одговорност за значењето на системот на БЗР, како и нискиот етичко-морален профил на личноста (незрелоста) која е одговорна за примена на мерките за БЗР. Тоа во многу случаи е работодавачот, но се јавува и работникот, како и вработените во надлежните државни органи за надзор и контрола на примената на одредбите за БЗР, се наведува меѓу другото во публикацијата.

Клучна улога во спроведувањето на законот имаат и инспекциските служби, кои, како што се посочува во публикацијата, се соочуваат со бројни предизвици – од мал број на инспектори во однос на бројот на компании, немањето на унифицирана пракса на постапување на целата територија на државата, па се до прашањето за достоинствена плата. Сето ова, резултира со квантитативен и квалитативен пад на квалитетот на надзорот.

– Контролата и надзорот над примената на прописите за БЗР како клучен сегмент во функционирањето на системот се соочува со бројни предизвици. Најнапред постои недостаток на инспектори во однос на бројот на правни субјекти кои треба да се контролираат. Овој проблем станува хроничен и резултира со квантитативен и квалитативен пад на квалитетот на надзорот. Од друга страна, инспекторите имаат потреба од едукации и тренинзи со цел зајакнување на нивните лични компетенции. Исто така недостатува унифицирана пракса за постапување на територијата на целата земја, односно за иста ситуација различни инспектори на ист или сличен насчин да го применат правото. Секако, прашањето за достоинствена плата на инспекторите е дел од решавањето на проблемите, кои се појавуваат при надзорот на системот на БЗР, а со цел непристрасност и стручно постапување, се вели во публикацијата.

За постигнување на поголема сигурност и безбедност на работното место препораката е да се зајакнат одредбите од законот во делот на превенцијата, одредбите во делот на контролата, надзорот и казните, да се направи ревидирање и зајакнување на улогата на стручните лица во компаниите и на правните субјекти кои вршат проценка на ризик, како и поголема едукација на сите засегнати страни во процесот. Една од препораките е да се направи и ефикасен систем за евиденција на повредите и несреќите на работа и за професионалните заболувања.

Билјана Анастасова – Костиќ

Скопје, 20 февруари 2021 (МИА)