„Стандард и Пурс“: С Македонија продолжува со стабилен ББ – рејтинг, годинава раст од 3,6 отсто

Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од ковид-кризата се позитивен сигнал за инвеститорите за состојбите и јасен показател за нивната доверба во политиките кои се водат во земјава
Кредитната агенција „Стандард енд пурс“ (Standard & Poor’s) го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед, и очекувања се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите предизвикани од кризата предизвикана од ковид-19 пандемијата, соопшти Министерството за финансии.

Со крајот на годината почнува заздравувањето…
Од кредитната агенција посочуваат дека по остриот пад во второто тримесечје од 2020 година, економијата до крајот на минатата постепено заздравуваше, како и дека индустриското производство во декември минатата година оствари позитивен резултат за првпат од почетокот на кризата во февруари 2020 година.

Во 2021 година како двигатели на растот се посочуваат опоравувањето на извозната активност, јавната потрошувачка и приватната потрошувачка, а нивните очекувања се дека годинава растот ќе изнесува 3,6 отсто.

Се очекува и домашната потрошувачка да го поткрепи растот. Како што наведува кредитната агенција, антикризните мерки кои ги презема Владата во 2020 година помогнаа да се зачуваат работните места и, воедно, дејствуваа како олеснувач при влијанието на кризата врз економијата.

Агенцијата наведува дека очекува значајни владини инвестиции во инфраструктурата во периодот од 2021 до 2024 година, во насока на подобрување на инфраструктурата во транспортот, здравството и образованието со инвестиции од 3,2 милијарди евра или речиси 30 отсто од 2021 година проектираното БДП. Исто така, наведуваат и дека Владата презема активности за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции.

Во однос на буџетскиот дефицит, од „Стандард енд пурс“ велат дека очекувањата се дека истиот ќе се намали во 2021 година на 4,9 отсто и дека согласно владините проекции ќе продолжува постепено да се намалува секоја година. Тие ги истакнуваат заложбите на Владата да ја зајакне фискалната рамка, посочувајќи го новиот Закон за буџети кој предвидува воведување на фискални правила и воспоставување на Фискален совет.