Пендаровски: Зошто да не одложиме за месец-два? – Заев: Месец или два не менува ништо

За претседателот Пендаровски не е проблем да се одложи пописот за месец или два ако постои страв кај граѓаните од зараза со вирусот Ковид 19.

Како што изјави тој не бара како опозицијата одложување за една година. Во „Стадион“ на Канал 77 се пожали дека не може да ги собере сите партии на лидерска, спомнувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и дека не може со сила да ги натера како што изјави, па затоа и пописот не се реализирал порано

Пописот е тема која треба да ја затвориме, бидејќи сме една од ретките држави која 20 години нема попис изјави премиерот Заев деновиве. Додавајќи дека пописот треба да се спроведе од 1-ви до 21-ви април , бидејќи одложувањето за еден месец ништо не би променило.

ДУИ се повикуваат на подготвеноста на Заводот за статистика:

„Се додека заводот за статистика смета дека можат да го спроведат пописот согласно законот и методологијата, сметаме дека нема потреба од одложување.“, посочи Бујар Османи.

ВМРО-ДПМНЕ пак, во наредниот период ќе започне со граѓанска иницијатива на собирање на потписи на повеќе локации во државата каде што ќе може како што изјавуваат да се потпише секој оној граѓанин кој што се залага за фер, европски и веродостоен попис ,а против ваков политички попис кој што води кон фалсификат.

„Станува јасно дека власта предводена од Заев, наместо статистичка во пописот гледа политичка операција, којашто е коалиционен договор и е надвор од стандардите на ЕУ“, вели Антонио Милошоски.

Алијанса за Албанците ќе бараат автонтично толкување на законот:

„Првично ќе бараме автентично толкување на законот за попис во собранието, бидејќи објавената методологија не е во согласност со законот за попис  изгласан од парламентот. Директорот на заводот за статистика или владата одлучува за методологијата без да се повика на законот.  Значи, ова парламентарно мнозинство, по голема веројатност, е заинтересирано за неуспех на пописот, бидејќи дури и кога се гласаше законот не успеа да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство, и законот беше изгласан со помош на нашите пратеници“, порачуваат од Алијанса/Алтернатива.

Заев потсети дека и парламентарните избори успешно се реализираа во време на пандемија. Нагласи дека пописот е битен за спроведување на долгорочни економски политики. Тој вели дека не е битна само етничката основа, туку важно е да се утврди точниот број на населението во земјата. Да се  добие целосната слика по сите основи – на која возраст е населението, со какво образование, со какви квалификации, местото на живеење.