ЗАЕВ И ГИР: ДЕБАТАТА ЗА ЛИЧНИТЕ КАРТИ Е ОТВОРЕНА, НО ИМПЕРАТИВ Е УСОГЛАСУВАЊЕ СО ЕВРОПСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО

Дебатата за личните карти е отворена, но факт е дека со стартот на преговорите, Македонија ќе треба да се усогласува со европската легислатива. Евроамбасадорот Гир денеска порача дека во следниот период ќе биде многу важно македонското законодавство да се хармонизира со европското аки.

– Во процесуирање на тие информации во ЕУ етничката припадност, религиозната припадност или други елементи во моментот во ЕУ се забранети. Меѓутоа во овој момент во ЕУ, ова е прашање кое што се регулира поединечно од секоја земја членка , но од август 2021 година значи се очекува ваква директива да се усвои на ниво на Европската Унија и да важи за сите земји членки поединечно. – изјави Дејвид Гир евроамбасадор.

Заев порача дека Македонија во иднина ќе ги следи сите европски регулативи. Ќе се прави консултација и со Европската Делегација во земјата но и со Европската Комисја во Брисел. Одлуките ќе се носат во однос на тоа во кој правец ќе бидат донесени и на европско ниво.  

– Тоа е прашање коешто го регулира националната регулатива. И кај нас е апсолутно дадено право на национално ниво како ќе го регулираме и затоа и ги кажуваме и своите ставови по однос на ова прашање. Мене ми е драго и што најголемата опозициона партија и останатите се на линија на правото на определба, да граѓаните се изјаснат доколку сакаат на својата определба на својата лична карта да имаат и етничка припадност. Но како земја кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива. Така да во август или октомври кога и да почне ЕУ да дебатира по ова прашање и ние ќе се вклучиме. – изјави Зоран Заев.

Општата регулатива за заштита на личните податоци или ГДПР која во последните денови често се спомнува, во ЕУ е усвоена на 14 април 2016 година и стапи на сила на 25 мај 2018 година. Бидејќи GDPR е регулатива, а не директива, таа е директно обврзувачка и применлива, но обезбедува флексибилност и прилагодување  кај националните законодавства на земјите членки. Во ЕУ веќе има и нова регулатива за зајакнување на безбедноста на личната карта на Европејците која ќе стапи на сила на 2 август 2021 година. 

Во Македонија предлогот за наведување на етничката припадност во личните карти дојде по иницијатива на Беса. Од ВМРО-ДПМНЕ пак остануваат на ставот дека за нив ова решение не е спорно, бидејќи во личните карти ќе може да се запише етникумот македонец.