ЕУ испраќа помош за Македонија, Италија, Грција и Албанија за борба со пожарите

Словенија испраќа 16 противпожарни возила и 46 пожарникари да помогнат во гасењето на пожарите низ земјава, соопштија од Министерството за одбрана. Тие се очекува да пристигнат најдоцна утре, а помошта следува по вчерашниот телефонски разговор помеѓу министерката Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

Европската Унија ќе им помогне Италија, Грција, Албанија и РС Македонија во борбата против катастрофалните пожари што зафатија различни региони во Медитеранот и на Западниот Балкан, соопшти Европскиот парламент на својата официјална интернет-страница.

Франција ќе испрати два противпожарни авиони за погодените области во Италија. Кипар ќе испрати два авиони и група пожарникари во Грција за да учествуваат во гасењето на тамошните пожари. Чешка и Холандија ќе испратат по еден хеликоптер во Албанија за да им помогнат на локалните спасувачки тимови да ги изгаснат пожарите во тешко достапните области. Покрај тоа, 46 словенечки пожарникари ќе учествуваат во операциите за борба со пожарите на територијата на РС Македонија.

„Работиме деноноќно за да помогнеме во време кога пожарите беснеат низ Европа. Им благодарам на Кипар, Чешка, Франција, Словенија и Холандија за брзата мобилизација на противпожарни авиони, хеликоптери и противпожарни тимови за да им помогнат на земјите погодени од силните пожари.“

рече еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчиќ и нагласи дека ова е одличен пример за солидарноста на ЕУ во тешки времиња.

Од Европскиот парламент велат дека Координативниот центар на Европската Унија за итни случаи е во постојан контакт со органите за цивилна заштита на земјите погодени од пожарите за внимателно да ја следат ситуацијата и да ја канализираат помошта од ЕУ.

Слични вести

Спорт

blank
blank
blank
blank