Пауновски: Тепачката во „Трибека“ не беше со инспекторите, гостите се тепале меѓу себе

Тепачка помеѓу гостите била причина за зголеменото присуство на полицијата синоќа во ресторанот Трибека. Инспекторите биле сведоци на физичка пресметка, но не биле нападнати, ниту пак тепачката била поради затворањето на локалот, ова денеска го изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Не се точни написите дека нашите инспектори биле нападнати. Гостите се степале уште пред девет часот, по што била повикана полиција, а потоа дошле и инспекторите кои цело време биле надвор додека се правел полицискиот записник, вели Пауновски.

Сепак, тој нагласува дека синоќа имале бурна ноќ, затворени биле повеќе локали во Скопје и низ државата.

– Во Волково во нерегистриран угостителски објекти затекнати се многу гости по девет часот, записникот од Волково е направен дури во 4.15 утринава исто така во Прилеп и Македонски Брод. Изречени се и многу казни за недозволено пушење, вели директорот на Државниот пазарен инспекторат.

– Во ексклузивниот локал Трибека инспекторите беа сведоци и на физичка пресметка. Таму било вистински хаос. Се фрлале и маси и столици. Изречени се казни за прекорачување на работното време. Не ми е јасно како народов не разбира дека работното време е до 21 часот. Инспекторите ми се јавија неколку пати, „што да правиме“, прашуваа. Јас бев дециден им реков, празнете, затворајте. Што да кажам, тоа се случува постојано. И во Волково, во куќа-ресторан едвај успеале да ги затворат. Оставаме последна фискална сметка некогаш да издадат и во 21.10, но сведоци сме на издадени сметки и во 21.25. Што е многу, многу е. Записникот од Волково на пример е направен дури во 4.15 утринава, катастрофа, цела ноќ се расправаме, изјави претходно Пауновски.