Пописот почнува за една недела, еве како ќе се одвива

Наредниот понеделник, на први март, почнува пописот на неколку категории граѓани. Еден месец пред останатите ќе бидат попишувани припадниците на Армијата, вработените во Дипломатско-конзуларните претставништва, затворениците, бездомниците, но и оние државјани што живеат надвор од земјава. Додека опозицијата истакнува дека вчера за еден ден собрала 25 илјади потписи за одложување на пописот, Заводот за статистика потенцира дека непречено течат подготовките за спроведување попис по цели 19 години.

За една недела, стартува пописот. Од 1-ви до 15-ти март, 30-тина добро обучени вработени во Државниот завод за статистика, почнуваат со пополнување на апликациите за одредени групи македонски државјани. Пред останатите, ќе се попишуваат вработените во Армијата и во димпломатско-конзуларните претставништва, како и нивните семејства; во затворите ќе има попис на затворениците и притворениците, а во социјалните центри – на регистрираните бездомници. Најголема категорија се лицата кои се на привремена работа или престој во странство, а имаат живеалиште или престојувалиште во земјава. Од први март до 21-ви април, тие ќе се самопопишуваат преку апликација што наредниот понеделник ќе биде објавена на веб страницата на Статистика, но со претходна регистрација. Од Заводот за статистика велат дека се е подготвено.

Според утврдената динамика, задутре ќе биде објавен огласот за пријавување попишувачи, чија обука стартува на 15-ти март. Претходно ќе бидат обучени 150-те државни инструктори. Посетата на домаќинствата ќе се одвива во периодот од 1-ви до 21-ви април.