Од МВР алармирале дека Мијалков ќе избега

Барањето за притвор на ексдиректорот на УБК и првоосомничен во „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков е од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Алармот дека тој може да избега дошол од Бирото за јавна безбедност, а судот му определил мерки за обезбедување на присуство. Но, полицијата не го нашла Мијалков на ниту една од адресите каде тој престојувал за да му го врачи решението.

„Откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја  предвид итноста на постапката, иако судот Законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд,  советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог  известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и  донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, велат од Кривичниот суд.

Против мерките за обезбедување на присуство, Мијалков има можност да се жали до Апелација во рок од 24 часа. Непознато е дали тоа го сториле неговите адвокати.