Заев: Груевски ми понуди да го координираме изборниот ден во 2014-та, јас му побарав прво да не ме прислушува

Премиерот Зоран Заев вели дека во 2014 година, за време на изборниот процес за предвремените парламентарни и редовните претседателски избори, разговарал со тогашниот премиер Никола Груевски за изборните нерегуларности, но и за прислушувањето.

Случувањата од пред околу седум години тој ги раскажуваше денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, каде што беше повикан како сведок во предметот „Титаник“ против поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности.

„За време на првиот изборен круг и во предвечерието пред вториот изборен круг, како и на изборниот ден на вториот изборен круг, во неколку наврати зборував со Никола Груевски информирајќи го за сите незаконитости и нерегуларности. Барав од него да испрати јасна порака за спроведување на тогаш новите измени во Изборниот законик кои значеа и драстично повисоки казни за изборни нерегуларности“, 

рече Заев.

Иако очекувал барем јавен повик, во кој ќе се дадат насоки кон институциите од извршната и од локалната власт, тоа не се случило. Како што рече Заев, на изборниот ден од вториот изборен круг, утрото Груевски сам го побарал.

„Груевски побара да бидеме во координација за да менаџираме заедно со изборниот ден за да не се повторат истите нерегуларности како и во првиот изборен круг. За да има смисла ваквото координирање, побарав како услов да ми каже зошто ме ставил на системот за прислушување како шеф на опозицијата и реков дека е коректно да ме тргне од тој систем за да можам да си ја работам својата работа, како и да ми вети дека ќе даде јасни наредби и инструкции да се одвратат институциите од незаконските дејствија“, 

рече Заев.

Според премиерот, а тогашен опозиционер, Груевски му одговорил дека нема намера да му даде одговор на овие барања. Затоа, раскажуваше Заев, било бесцелно да се координираат за изборниот ден бидејќи во СДСМ сметале дека е изгубена секоја фер и законска шанса како тогашна опозиција рамноправно да учествуваат на изборите.

„Одлучивме дека ќе учествуваме до крајот на изборниот ден, од единствена причина што со нашето неучество беше повеќе од јасно дека нема да има цензус за претседател и тогаш Република Македонија ќе влезеше во уставна криза. Рековме дека тоа нема да го дозволиме и само заради тоа ќе учествуваме на изборите, а по завршување на процесот на гласање ќе соопштиме за непризнавање на изборните резултати, како за претседател така и за состав на парламентот“, 

сведочеше Заев.

Предлогот на Груевски, според актуелниот премиер, бил само за тој да има алиби и да каже дека нудел заедничка координација, но тоа било одбиено.

Тој претходно зборуваше и какви изборни нерегуларности констатирале, за кои рече дека за еден дел посведочил и самиот.

„Ќе наведам неколку од нив. Центрите за социјални работи, злоупотребувајќи ја својата функција, со списоци во раце на приматели на социјална помош им вршеа директен притисок врз примателите, воопшто не криејќи се од јавноста, под закана дека доколку не гласаат за владејачката партија ќе останат без социјална помош. Шумските претпријатија и шумската полиција им се закануваа на сите граѓани кои имаа договор за сеча дека ќе им бидат раскинати, водостопанските претпријатија, кои имаа склучено договори со земјоделците за снабдување со вода за наводнување, дејствуваа под исти или слични закани. Инспекциските служби, почнувајќи од УЈП, Пазарниот инспекторат, трудов и други, директно вршеа притисок врз фирмите заканувајќи се дека ќе бидат казнети ако јасно не докажат дека управителите, сопствениците и дел од вработените не гласале за ВМРО-ДПМНЕ“, 

зборуваше Заев, кој наброја уште неколку други примери.

Тој зборуваше и дека ваквите наводи ги пријавиле и во ДИК, Јавното обвинителство и во надлежните министерства, а одбраната со прашањата алудираше дека тие приговори биле одбиени и од ДИК и од Управниот суд.

Во „Титаник“, покрај Груевски, кој го споменуваше Заев, а кому му се суди во отсуство, обвинети се и ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, ексминистерот Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и Мартин Протуѓер, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска. 

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.