„Монструм“: По речиси 9 години од петкратното убиство денеска нова пресуда

Обвинителството побара доживотен затвор за тројца обвинети за тероризам, максимални казни за двајца обвинети за помагање и ослободителна пресуда за еден обвинет за кого не се пронајдени докази. Одбраната, пак, смета дека надлежните не ги пронашле вистинските сторители и побара ослободителни пресуда

По три години судење во Основниот кривичен суд во Скопје денеска ќе се изрече пресудата за случајот „Монструм“. Шест обвинети по втор пат од првостепениот суд ќе ја слушнат одлуката дали се виновни или не за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам и за нив обвинителството побара доживотен затвор. Од нив, првите двајца се во бегство во Косово и со години косовските власти не ги екстрадираат. Хаки и Фејзи Азири се гонат за помагање во тероризмот, а за нив се побараа максимални затворски казни – од 9 до 10 години за едниот и 15 години затвор за другиот. Петтиот, Сами Љута, пак, се очекува да добие ослободителна пресуда откако неа ја побара и обвинителството поради немање на докази за вмешаност во настанот.

Обвинетите и нивните адвокати, од друга страна, останаа на теоријата дека ова е монтиран случај и побараа ослободителна пресуда.

Одлуката ќе ја донесе петчлен Судечки совет од двајца судии, Огнен Ставрев како прв и Осман Шабани како втор судија, и тројца поротници.

Фото: Правдико

Во петкратното убиство од 12 април 2012 година, во пресрет на Велигден, беа убиени четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.

„Бомбите“ не открија нова вистина

Ова ќе биде втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во декември 2017 таква одлука донесе и Врховниот суд.

Предметот се врати на почеток, но сега во рацете на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го презема поради тоа што постоеја прислушувани разговори поврзани со предметот. „Бомбите“ во судница како сведоци ги донесоа премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поранешните функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков и бројки други нови сведоци. Меѓутоа, ниту снимките ниту сведочењата не открија ништо ново. Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборо ги коментираше поединечно, но она што го даде како генерално видување е дека тие не откриле некоја нова вистина за случајот.

Адвокатката Дафина Ивановска

Со ист заклучок настапи и адвокатката Дафина Ивановска, која во предметот застапува едно од семејствата на жртвите.

„Цели три години се одржуваа рочишта, се слушаа ’бомбите‘, кои беа меѓу преовладувачките причини за укинување на пресудата, но по преслушувањето на „бомбите“ не се утврдија некои факти, освен што се одржаа многу рочишта и се одзеде многу време за да се донесе пресуда“,

рече адвокатката.