Спасовски ги отфрли шпекулациите за договори за бегството на Мијалков

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најкатегорично ги отфрли шпекулации за какви било договори за бегството на Сашо Мијалков.

– МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.

Во тек се информативни разговори со лица кои е можно да поседуваат информации или се поврзани со бегството на Сашо Мијалков.

– Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето, а денеска дополнително се повикуваат други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град“ со цел добивање на дополнителни информации, појасни министерот.