Спасовски: Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку

Во моментот Сашо Мијалков е на издржување на мерката домашен притвор во неговиот дом. Тој овие денови не ја напуштил државата и цело време бил во Скопје. Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и подвлече дека тој лично немал контакт со Мијалков пред неговото враќање. Потенцира дека ако покаже истрагата одговорност на кого било, треба да има не морална , туку кривична одговорност.

Спасовски во гостувањето на Утрински брифинг изјави дека се води истрага во Јавното обвинителство и назначен е јавен обвинител. До вчера, подвлече, МВР работело со ОЈО во Скопје, со дежурните обвинители во однос на повикување на информативни разговори на лицата кои би можеле да бидат помагатели во бегството, дали се тоа членови на неговото семејство или неговото опкружување, односно обезбедувањето. Важно беше, истакна Спасовски, да се одземат сите телефони и други електронски уреди и документи кои ќе можат да бидат дел од истрагата при претресот на неговата резиденција.