„Жолта лента на хотел Мериот“? Дали ќе биде конфискуван имотот на Сашо Мијалков

Имотот на екс директорот на УБК Сашо Мијалков кој е веќе обвинет во неколку предмети и кој деновиве се обиде да избега, ниту е замрзнат ниту воопшто е покренат процес за негова конфискација. Покрај најавите дека членовите на неговото семејство кривично ќе одговараат за помагање на неговото бегство, втората причина поради која Мијалков вчера се појави е откако дознал дека имотот и неговите, како и сметките на неговото семејство и нивните компании ќе бидат блокирани.

И министерот Оливер Спасовски на прес конференцијата што ја одржа пред појавувањето на Мијалков порача дека треба да се конфискува криминално стекнатиот имот на Мијалков.

„Дали треба да се насочиме, односно државата да се насочи генерално кон тоа да видиме кој е имотот и да се премине кон чекорот конфискување на имотот? – Да, заради тоа што криминално стекнатиот имот ако не биде конфискуван, тогаш немаме состојба во која што ќе имаме правна сигурност. Значи тоа што е стекнато со криминал треба да биде одземено во интерес на државата и во тој дел треба да постапуваат институциите.“, рече Спасовски.

Токму предметот Империја во кој покрај други 12 лица меѓу кои и Орце Камчев, како првообвинет е Сашо Мијалков, е отворен за незаконски стекнат имот. Екс шефот на УБК тогаш доби и притвор а подоцна под тогаш чудни околности затворскиот му беше заменет со куќен притвор со одлука на тогашната шефица на СЈО Катица Јанева. За ова произлезе и случајот Рекет, Јанева заврши во затвор, а оттогаш предметот стои во фиоката на обвинителството.