ТОП 10 најниски плати во државата

Според податоците на државниот завод за статистика, доколку ги анализираме просечните плати по дејности во месец декември 2020 година во Република Северна Македонија, ќе дојдеме до заклучок дека 55 дејности или една половина имаат просек на плати помал од просечната месечна нето плата.

Само за потсетување, просечната нето-плата во декември изнесувала 28.294 денари.

Убедливо најниски плати добиваат вработените во заштитни и истражни дејности каде просечната плата изнесува 15.933 денари или нивната плата е за 12.361 денари помала од просечната нето плата во државата.

Минимално повисока плата добиваат вработените во производство на кожа и слични производи од кожа кадешто просечната плата изнесува 16.777 денари или за 11.517 денари пониска плата во однос на просечната нето плата.

Потоа следуваат, Туристички агенции, организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив кои имаат просечна плата од 17.189 денари или за 11.105 денари помала плата во споредба со просечната нето плата. Но, мора да се напомене дека голем дел од овие вработени во изминатиов период останаа без својата работа како последица на пандемијата на коронавирусот од кој најголеми последици претрпеа пред се вработените во туризмот.

Вработените во дејности за подготовка на оброци и служење на храна се со просечна плата од 17.697 денари.

Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата со просечна плата од 17.946 денари.

Вработените во производство на облека земаат просечна плата од 18.184 денари.

Вработените во производство на мебел земаат просечна плата од 19.674 денари, додека во дејноста рибарство и аквакултура просечната плата изнесува 19.996 денари.

Вработените  во дејноста објекти за сметување и сервисни дејности со храна имаат просечна плата од 20.264 денари. По нив следат вработените во дејноста отстранување на отпадни води со просчна плата од 20.269 денари. Овие дејности ги сочинуваат ТОП 10 најниските просечни плати во нашата држава.

Вработените во овие дејности освен тоа што земаат далеку пониски плати во однос на просечната нето плата, тие имаат голем недостаток на средства во споредба со синдикалната минимална кошничка којашто во јануари изнесувала 33.650 денари.