Бочварски: Работиме на подобро поврзување на Југоистокот со главната артерија во државата

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања информира дека во програмата за работа на Јавното претпријатие за државни патишта е предвидена обнова на патниот правец кон Богданци во вредност од 50-тина милиони денари, кои се одвоени и се работи на подобрување на инфраструктурниот проект.

Тој потенцира дека откако ќе се дојде до градежно одобрение, веднаш ќе се аплицира за одобрение за градба и ќе биде распишана тендерска постапка за изградба и избор на изведувач што ќе го гради и рехабилитира овој патен правец.

– Работиме на сите предфази во однос на изградба на овој патен правец, а се работи и на експресниот пат од Струмица, коридорот 10 и подобро поврзување на југоисточниот дел со главната артерија во државата и поврзување со сите останати патни правци, рече министерот Бочварски.

Одговарајќи на прашање поставено од пратеникот Панчо Минов, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски потсети дека во петтиот пакет е планирана помош дополнувања за земјоделците.

– Двата денари од програмата за директни плаќања при сите активности со лозарите и винариите, беа ставени настрана, односно ќе бидат исплатени оваа година. Она што е по хектар – 10 милиони евра, веќе се исплатија на 13 и 14 февруари, изјави Димковски, најавувајќи дека до 30 јуни треба да бидат исплатени сите основни и дополнителни мерки.