ОХИС исчистен од 64 тони опасен отпад, проектот на „Екоцентар 97“ заврши

Последните количини хемикалии, кои се дел од историското загадување од некогашната хемиска индустрија ОХИС, стигнаа во Лион во Франција и деновиве се очекува да бидат безбедно уништени. Со овој транспорт и официјално заврши „Проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС“ кој го спроведуваше компанијата „Екоцентар 97“. Ова е прв проект од ваков тип кој е спроведен во земјава и со него во изминатите две години беа отстранети над 64 тони опасни хемикалии, од кои повеќето низ годините беа чувани во несоодветни услови.

„На 19 февруари во присуство на претставници од Државниот инспекторат за животна средина, безбедно се изврши утовар на 4,2 тон иницијатори и 5,3 тони отпадни хемикалии, односно отпадни киселини, алкохоли и растворувачи. Отпадните хемикалии беа транспортирани со специјално АДР возило и за време на транспортот се вршеше континуиран мониторинг на температурата во возилото. Отпадот беше танспортиран без никакви проблеми низ Србија, Унгарија, Австрија, Грманија и денеска пристигна во инсенераторот во близина на Лион, Франција. Отпадните опасни хемикалии се истоварени и согласно со распоредот на согорувачот во идниот период очекуваме потврда за нивно уништување“, информираат од „Екоцентар 97“.

Од април 2019 година досега се реализираа вкупно седум извози на хемиски отпад. Пред две години беа санирани 81 боца и еден контејнер со хлор, кои со АДР возило беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што се изврши санација на оштетените вентили, а околу три тони хлор беше извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно истретиран. Садовите беа исчистени од остатоците од хлор и вратени во седиштето на ОХИС. Во јули и во август беа преточени отпадни хемикалии од буриња со непознат состав, метанол и акрилонитрил мономер во АДР амбалажи подготвени за меѓународен транспорт. Во јануари, февруари и март лани се извезоа 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер, 17 тони опасен отпад од метанол, 16 тони опасен отпад од метанол, акрилонитрил и отпад од хемикалии со непознат состав и 14 тони опасен отпад од хемикалии со непознат состав и беа безбедно уништени во инсенераторот од Валорек во близина на Базел. Во септември се преточи и винил хлоридот од старата цистерна во нова АДР цистерна, која во октомври со специјално транспортно возило се превезе во инсенераторот во близина на Лајпциг, Германија. Старата цистерна во која што претходно беше сместен винил хлоридот мономер е целосно исчистена.

Од компанијата информираат дека од ОХИС е изнесен и соодветно третиран и опасниот отпад од пакување, односно старите пластични и метални рѓосани буриња и канти, во кои што беше сместен отпадот, како и отпадот од апсорбенсите, како крпи користени за бришење.

„’Екоцентар 97’ склучи договор со лиценцирана компанија и во април лани беа предадени 2,3 тони апсорбенси и околу три тони опасен отпад од пакување, кои се безбедно уништени и повеќе не се опасност за околината“, информираат од компанијата.

Извор мета.мк