Заев: Сѐ си мислам дека Мијалков беше во белата палата, чуваат простории и за Груевски

Кај беше Мијалков, тоа вие треба да ми кажете. Сѐ си мислам во белата палата беше. Зошто да не, слушам до ден-денес за него се чуваат простории, и за него и за Груевски. Дефинитивно, тоа што го направи власта го принуди да се пријави, одговори премиерот Зоран Заев на прашање од пратеникот Александар Николоски во врска со бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на вчерашната седница за пратенички прашања

– Не е одговорно да се тврди дека Мијалков бил надвор и да се поставува прашање кога излегол, кога влегол, каде бил, ова е неодговорно. Сите докази што се запленети во цела постапка покажуваат дека неделата излегува од „Мериот“, половина час е околу хотелот со женско лице и уште тројца, попладне оди кон „Тодор Александров“- 69, каде што му е едно од живеалиштата, до доставување на налогот бега од својот дом, веројатно во соседни објекти, соседно маало, но е тука. И тоа е јасно. И сега тврдењето дека за два дена има договор дека власта го пушти, дека Заев се договорил, дека организирано е бегството од владејачката коалиција, испадна дека не е така. Еве го Мијалков е во домашен притвор, после 40 часа и каде е одговорноста на опозицијата за овие тврдења? Ви беше страв да му го кажете името и презимето на Мијалков, додека не почнаа да пукаат бомбите. Ви беа милички функциите. И сега, ај што токму тие ве поставиле, ај што излажавте, на крајот требало власта да понесе одговорност, а опозицијата што? – рече Заев.