Владини делегации положија цвеќе на гробот на Трајковски во Скопје и на спомен обележјето во Струмица

Делегации на Владата денеска положија венци на гробот и на спомен обележјата во чест на претседателот Борис Трајковски, кој на денешне ден пред 17 години загина во авионска несреќа.

Владина делегација составена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, положи венец на гробот на претседателот Трајковски на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, а на споменикот на претседателот Трајковски во Струмица, цвеќе положи владина делегација, која ја сочинуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски.

– Со оддавање на должна почит и признание за неговиот исклучителен придонес му искажуваме благодарност на скромниот, искрен и често емотивен Трајковски, кој како шеф на државата во сложени времиња за нашата земја покажа лидерство и знаеше како да ги стави државничките интереси пред тесно партиските интереси. Во нашето колективно сеќавање претседателот Трајковски останува врежан како човек од народот и човек за народот, но и како државник со непоколеблива визија за нашата земја како општество на сите граѓани и фактор на мирот и стабилноста во регионот, се вели во владиното соопштение.

Претседателот Трајковски, заедно со осумчлена делегација од неговиот кабинет и членови на екипажот на владиниот авион, трагично ги загубија животите во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.