Дали Црвенковски го ажурира членството во СДСМ⁉️

Функционери во СДСМ тврдат дека поранешниот и долгогодишен лидер, сепак, го обновил членството, иако најави дека го замрзнува, но нема информации дали се пријавил и за гласање на 21 март

Парцијален избор само на претседател на СДСМ на директни избори повеќе ќе придонесе за султанизација отколку за демократизација во партијата, вели поранешниот партиски секретар Горан Минчев

Премиерот Зоран Заев е пред реизбор за претседател на владејачкиот СДСМ, со оглед на тоа што нема противкандидат на првите непосредни избори за лидер на партијата, откако во четвртокот заврши постапката за ажурирање на членството. 

На 21 март, сите оние кои во изминатите неколку седмици го обновиле членството или сега се зачлениле во СДСМ ќе може да учествуваат на внатрепартиските избори. Според последните информации, СДСМ сега брои над 80 илјади членови, од кои еден дел, како што наведува, се нови и млади луѓе.

За гласање на внатрепартиските избори следниот месец, пак се пријавени околу 70 илјади. Сепак, останува дилема дали меѓу оние кои го обновиле членството е поранешниот и долгогодишен партиски лидер Бранко Црвенковски, претходникот на Зоран Заев на чело на СДСМ, долгогодишен премиер во неколку мандати и трет претседател на државата. 

Кој може да се кандидира за претседател на СДСМ

Од кабинетот на Црвенковски, како поранешен шеф на државата, „360 степени“ се обиде да добие одговор дали тој го ажурирал членството во СДСМ, со оглед на тоа што неодамна, реагирајќи на интервјуто на Заев за БГНЕС, посветено на односите Скопје – Софија, најави дека го замрзнува членството во партијата во чие основање учествуваше. Но, од неговиот кабинет ни одговорија дека Црвенковски нема што да каже на таа тема.