ЈО: Побаран притвор за две лица осомничени за насилство при протестите за “Монструм“

Осуммина учесници во вчерашните протести по повод казните за осудените во случајот „Монструм“ се приведени од полиција.

Како што информираат од МВР, ќе им биде поднесена кривична пријава за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Протестот беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. Вкупно 11 полицајци се здобиле со полесни повреди вчера на протестот за случајот „Монструм“. Од обвинителството доцна попладнево информираа дека побарале притвор за двајца од осомничените за насилството на протестите. Осомничените, на возраст од 22 и 19 години, по завршувањето на говорот на организаторот на протестот, заедно со повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон, се вели во соопштението од обвинителството.