Куќен притвор за момчето кое го прегази хирургот Јота

Судијата го прифати предлогот на обвинителот, па на детето во ризик му определи притвор во траење од 15 дена и одземање на пасошот

Шеснаесетгодишникот кој го прегази хирургог Ѓорѓи Јота денеска доби куќен притвор во траење од 15 дена и одземен му е пасошот, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во ризик постаро од 14 години, за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик.

„На 25 февруари, детето во ризик, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувало кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозило јавниот сообраќај и го довело во опасност животот и телото на луѓето. Иако немал возачка дозвола, тој управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот Мајка Тереза во Скопје и кога дошол на раскрсницата со улицата Елисие Поповски Марко не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина која би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во живото-загрозувачка состојба, а детето во ризик веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Јавниот обвинител од судијата за деца побара за малолетникот да определи мерка куќен притвор со која ќе го обезбеди неговото присуство во текот на постапката, како и мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа. Судијата го прифати предлогот на обвинителот, па на детето во ризик му определи притвор во траење од 15 дена и одземање на пасошот.​