Шилегов: Реконструкцијата на Универзалната сала ќе почне во мај

Со реконструкцијата на Универзалната сала објектот ќе го задржи својот постојан габарит и автентичен изглед, рече Шилегов. Очекувањата се градежните активности да почнат во мај, а за проектот Владата издвои 120 милиони денари

Град Скопје денеска најави почеток на реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека објектот ќе се реконструира во постојниот изглед и габарит и очекува градежните работи да почнат во мај.

„На мое и општо големо задоволство промовираме проект за реконструкција на Универзална сала. Од буџетот се издвоени 120 милиони денари. Универзална беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. За мене тоа е доволна причина и мотив за повторно отворање на нејзините врати. Ќе биде реконструирана во постојниот габарит задржувајќи го својот автентичен изглед. Идејата да ја сочуваме во постојната форма и локација дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Наш приоритет е да ја отвориме оваа сала во нејзиниот полн капацитет во текот на оваа година. На 8 март ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект, со што ќе има услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да почнат градежните активности“,

рече Шилегов. 

Архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон“ објасни дека просторно и функционално, објектот ги задржува постојната функција и форма. 

Реконструкцијата ќе биде во две фази – во првиот дел ќе се опфати надворешната реконструкција на Универзалната сала, а во втората фаза ќе биде внатрешното уредување. Меѓудругото, ќе има и намалување на бројот на седишта, а според планот капацитетот би бил од 1 100 до 1 200 седишта.