Мицкоски повикува дома да не се потпишува, а дијаспората да се потпише

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, денеска ја повика дијаспората масовно да се попишува, иако и натаму останува на ставот дека статистичката операција е нелегитимна.

„ВМРО-ДПМНЕ за 24 часа, или по 3 часа дневно, во рок од 8 дена собра повеќе од 100.000 потписи од граѓани кои се незадоволни од начинот на кој се води операцијата попис. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја води битката против мафијашката власт од внатре низ институциите за одложување на пописот, а во меѓувреме е потребно истата таа операција да ја девалвираме. Затоа, ја повикуваме дијаспората масовно да се пријави на онлајн апликацијата. Доколку мафијашката власт продолжи насилно да се однесува, тогаш при превземањето на институциите истата ќе биде предмет на детална проверка, а ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае овие политички резултати“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Од денеска  преку веб-страницата https://stat.gov.mk започнува самопопишувањето на дијаспората како прва фаза во рамки на пописот на вкупното население и ќе трае сè до 21 април

Истовремено започнува и попишувањето на одредени категории граѓани како вработените во дипломатско конзуларните претставништва и нивните семејства, припадниците на армијата во странство, затворениците и бездомниците.

Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, рече дека интернет апликацијата е достапна исклучиво од странство и дека нејзиното користење е едноставно.