РУСКОВСКА ДО МАРИЧИЌ ВО ПЕТОКОТ: „СЕ ЗБОРИ ДЕКА ПОСЛЕ ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ МИЈАЛКОВ МОЖЕ ДА ИЗБЕГА“

Откако министерот за правда Бојан Маричиќ потврди дека на неформална средба во петокот, обвинителката Вилма Русковска му кажала „гласина“ дека е можно Сашо Мијалков да побегне, обвинителката Русковска денеска се дообјаснува. 

Таа до вчера тврдеше дека прв пат информација за можно бегство на Мијалков добила во саботата. И сега останува на истиот став, но за прв пат потврди дека „можното бегство на Сашо Мијалков “било една од темите од неформален разговор со министерот Маричиќ. Во одговор за ТВ24 , шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал одговори: 

Јас во петокот му кажав „Се збори дека после завршните зборови Мијалков може да избега“, не знаејќи дека расправата завршила. Како што веќе кажав, непотврдена информацја добив во саботата. СО Маричиќ се сретнавме да разговараме за тековни проблеми на Обвинителството за гонење организиран криминал.

Првата информација дека за можно бегство на Мијалков бил информиран уште еден член на Владата, ја откри министерот за внатрешни Оливер Спасовски. На прес конференцијата организиран пред појавувањето на Мијалков во Обвинителството, Спасовски посочи дека информацијата ја споделил некој обвинител. Ова беше енигма се до вчера, кога премиерот Зоран Заев откри дека министерот кој имал информација за можно бегство е Бојан Маричиќ. 

Потоа, Маричиќ сам ја потврди информацијата и за порталот а1.он  ја посочи Вилма Русковска, дека е обвинителката која ја кажала таа гласина. 

Министерот Бојан Маричиќ вели дека не чувствува никаква одговорност и не гледа пропуст кај него за дводневното бегство на Мијалков, бидејќи немал надлежност да постапи, а неговио совет до обвинителката бил да си ја провери информацијата и доколку ја потврди да постапува. 

– Тоа беше неформална средба и се разговараше за повеќе теми поврзани со работатат на Обвинителството, имплементација на Законот за јавно обвинителство…Јас немав ниту информација дека тој ден имало завршни зборови за случајот `Таргет-Тврдина`. Не знаев кој е изворот, но посочив да се проверат информации и доколку се точни да се постапи“, вели Маричиќ за А1.он.

За евентуалното бегство на Сашо Мијалков, Русковска го информира и Оливер Спасовски во саботата, на 20 февруари, барајќи од него полицијата да провери дали Мијалков подготвува бегство. Дури откако зборува со двајцата министри Русковска го известува нејзиниот шеф, Љубомир Јовески, а на крај и обвинителите кои го водат случајот Таргет-Тврдина, Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов. Тие веднаш го изготвиле барањето за притвор кое во неделата(21 февруари) го поднеле до Кривичниот суд. Сега обвинителката Ристоска е назначена ја води истрагата за бегството на Мијалков и утврдува дали има пропусти, кој му дојавил на Мијалков дека се бара притвор за него и кој му помогна да се сокрие од полицијата која го бараше и во Македонија, но и во странство. Првиот човек на обвинителството, Љубомир Јовески, за ТВ24 вели дека Ристоска е назначена да ја води оваа истрага бидејќи нема никакво сомнително дејствие, ниту пак влијание во случајот со бегството на Мијалков. 

Истрагата останува отворена и покрај тоа што Мијалков сам се пријави во Обвинителството за да го земе решението за куќен притвор. Неговиот одговор дека „сам се изолирал поради висока температура”, не е доволен за Обвинителството да го затвори случајот. И понатаму се бараат пропусти во институциите.