Заев: Поучени од бегството на Груевски, успеавме да го натераме Мијалков да се пријави


Имаме јакнење на безбедносните служби кои се под извршната власт, рече премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на прашање на новинарите дали е утврдено која институција потфрлила за случајот со бегството на обвинетиот Сашо Мијалков.

На денешната прес конференција на која беше презентиран акцискиот план за борба против корупцијата, Зеав прашан за бегството на Мијалков рече дека државните органи сепак успеале да го натераат да се пријави, а порача и дека системот мора да се усовршува за да нема повторни разочарувања.

„Влечеме поуки секогаш и се трудиме да учиме од слабостите кои сме ги воочиле од претходните случаи. Веројатно поучени од бегството на Груевски, имавме сега успешна акција за натерување на бегалецот да се пријави. Но, секако рековме истрагата мора до крај да се спроведе за да видиме дали некаде затаил системот, дали имаме одредени слабости, дали се тоа институциите под извршната власт или во правосудството за да можеме да извлечеме повторно поуки и да видиме каде се слабостите за нивно отстранување. Овој случај навистина ги охрабри граѓаните дека е можна правда“, рече Заев.

За Мијалков зборуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, кој смета дека власта транспарентно досега споделила сè што има во врска со случајот со Мијалков.

„Целосно детално премиерот ги води сите процеси во овој дел, беше транспарентно објаснето сето она што и Владата и надлежните министерства во рамки на своите надлежности ги направија”,рече Николовски.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузвање, Сашо Мијалков, минатата недела беше првостепено осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување на над 20 илјади граѓани во Македонија.

Претходно Мијалков два дена исчезна па службите не можеа да го пронајдат по што беше распишана домашна и меѓународна потерница. По ова тој сам се пријави во обвинителството и кажа дека имал температура и бил во самоизолација поради симптоми на коронавирусот по што му беше дадено решение за домашен притвор.