Николовски: Точен регистер за сопственици на фирми за да не се повторат „Панама и Белизе“

Владата го усвои долгонајавуваниот Акциски план за борба против корупцијата, кој според најавите, ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.

Вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски, на прес-конференција, нагласи дека со овој  планот се носат храбри политики за ред, правда, дисциплина и враќање на довербата во институциите.

-Граѓаните наскоро ќе ја забележат разликата. Обезбедивме и простории и повисок буџет на Државната комисија за спречување корупција. Тие сега ќе имаат софтвер со што ќе се поврзат со податоците на седумнаесет други институции.  – појасни Николовски.

Тој потсети на значајноста на донесувањето на Етичкиот кодекс за функционерите на Владата, како и за имплементирањето на препораките на ГРЕКО.

Николовски додаде дека за да не се повторат „Панами и Белизиња“, се креира точен регистер за сопственици на фирми, а Советот на Европа се работи на создавање план за утврдување потекло на имот.
-Во рок од 30 дена Министерството за правда заедно со ОЈО се задолжени да направат анализа за сите потребни капацитети и ресурси во истражните центри на обвинителствата. Со тоа ќе се забрза решавањето на предметите. Ќе се дигитализира и Управата за матични книги и веќе чекањето пред шалтерите ќе замине во историјата, нагласи Николовски.

Премиерот Зоран Заев рече дека планот е производ на политичката волја за искоренување на корупцијата и порача граѓаните и медиумите да зборуваат за оваа појава гласно. Според Заев со планот се опфатени дејностите на актуелната власт, но и на опозицијата, која, како што вели, ги трошела парите на граѓаните за времето на режимското владеење.
Дел од мерките во планот се екипирање и дигитализација на Обвинителството, со што се очекува да се забрза процесуирањето на пријавите и повеќе да нема пријави во фиоки. Воедно, ќе се дигитализира и Управата за водење матични книги на родени, со што изводите би се ваделе онлајн. Заев најави и креирање т.н. е-инспектор, но и зајакнување на регулативата за укажувачите, со што би се зголемиле пријавите за противзаконски постапувања.