Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно со огромни патни трошоци

Во новиот парламентарен состав рекордери по патни трошоци се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Дајанчо Ефтимов, Сурија Рашиди и Петар Ристески, објави сдк.мк, повикувајќи се на документи добиени од Собранието.

Од 120 пратеници во Собранието, 75-мина од нив зеле вкупно 122.000 евра надомест за патни трошоци од конституирањето во август лани, до први февруари годинава, односно за пет месеци од нивниот пратенички мандат.

Најдобар старт во прокнижени патни трошоци за 5 месеци има Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ, од Василево, кој од Собранието подигнал 4.870 евра под оваа ставка. Веднаш до него е колегата Сурија Рашиди од струшкото село Радолишта, од партијата Алијанса за Албанците, со надомест од 4.777 евра.

За истиот период, Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓа од Прилеп, зел 4.092 евра. Натаму, по надолен редослед доаѓа неговата сопартијка Јадранка Поцкова од Струмица, со пресметани 3.968 евра за патни трошоци.

Ако се продолжи со ваквата динамика на книжење и исплата на патните трошоци, до крајот на четиригодишниот мандат на овој пратечнички состав, вкупната сума може да достигне и до милион евра.

Инаку, патните трошоци за пратениците беа намалени за 30 отсто уште во време на мандатот на претходниот пратенички состав поради баснословните суми и можноста за манипулација со белешките за патни трошоци.

Инаку, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, со години беше на на удар на јавноста и претходно, кога медиумите објавија дека како пратеничка за само една година, за патни трошоци инкасирала 23.000 евра.