Оперативниот план за активни програми и мерки обезбедува нови работни места и вработливост на невработените

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 50-та седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.
 
Информирајќи за одлуките од 50-тата владина седница, портпаролите се задржаа на Планот и мерките за борба против корупција со кои се зајакнуваат капацитетите и се воспоставува синхронизиран систем за ефикасна функционалност на институциите во првите редови против корупцијата, за враќање на довербата во нив и за општество ослободено од корупција.
 
На оваа седница Владата ја усвои и даде поддршка на Концепцијата за основно образование за која во подготовката беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници, граѓански и меѓународни организации.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за Концепцијата за основно образование, портпаролот Арсовски истакна дека низ фазата консултации е постигнато решение коешто е прифатливо за сите засегнати страни и се прифатени голем број сугестии од широката јавна расправа.
 
„Она што е најважно е дека Концепцијата за основно образование и тоа треба граѓаните да го знаат, во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование. Исто така посебно место во овој концепт има професионалниот континуиран развој на наставниците во насока да се стекнат и пренесат нови знаења за практичниот аспект на работата“, посочи Арсовски.
 
Владата го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот  за 2021 година.
 
Со него се утврдуваат програмите, се обезбедува создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за деталите за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и поспецифично за етничката застапеност на вработувањето и во приватниот сектор, портпаролот Арсовски соопшти дека овој план меѓу останатото се базира на принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории.
 
„Спроведувањето на овој Оперативен план за активни програми и мерки за вработување почива на неколку принципи, односно ќе се почитуваат неколку принципи меѓу кои и ова што го зборувавте, принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани во согласност со стандардите и практиките на ОН и Меѓународната организација на трудот. Ништо надвор од тоа. Втор принцип е справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на трудот и вработеноста предизвикани од пандемијата и третиот исто така важен поттикнување рамномерен регионален развој согласно со податоците од бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони. Оперативниот план 2021 содржи мерки за лицата кои се долго време надвор од пазарот на трудот, точно е, се предвидува поддршка и за работодавачи но само доколку тоа значи обезбедување нови вработувања и раст на правните субјекти“, истакна Арсовски.
 
На прес-конференција беше информирано дека Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија започна на 1 март со попишување на затворениците, бездомниците и на дијаспората. Портпаролите упатија апел до дијаспората активно да земе учество во овој процес, кој е предвидено да трае од 1 март до 21 април 2021 година.
 
Во контекст на процесот на попишување на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година кој ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на КОВИД-19.
 
Портпаролот Хоџа наведе дека овој протокол има за цел безбедно попишување на населението, и од аспект на попишувачите и од аспект на граѓаните.
„На вчерашната седница усвоен е посебниот протокол за спроведување на Пописот и посебен протокол за тие лица кои во моментот на попишување се позитивни на КОВИД-19, тоа значи превентивни мерки и за лица кои го извршуваат пописот – попишувачите и за лицата кои истовремено се попишуваат. Посебниот протокол ќе се спроведе во целата постапка на спроведување на пописот“, истакна Хоџа.
 
Портпаролите информираа дека на вчерашната седница е утврден текстот на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.