Зaнзибар е жариште, зошто јужноафриканската мутација е толку опасна?

Јужноафриканскиот сој се шири побрзо и полесно, а ризик претставува за повозрасната популација и за оние со хронични заболувања
И покрај сериозната опасност, претседателот на Танзанија (Занзибар е нејзина полуавтономна сојузна единица) се противи на вакцинацијата и смета дека таа е опасна за населението
Случајот со двајцата сопружници од Битола, кои по враќањето од одмор во Занзибар се хоспитализирани поради ковид-19, ги натера здравствените власти да предложат карантин за сите оние што ќе се вратат од патувања од африканските земји.

Според анализите што ги направи лабораторијата на МАНУ од брис од еден од сопружниците, детектирано е присуство на британскиот сој на вирусот.

„Во текот на утрешниот ден ќе биде извршена анализа на вториот пациент кој, исто така, патувал за Занзибар. Тој е ковид-позитивен и исто така е хоспитализиран“, рекоа од Министерството за здравство.

Сопругот, шеесет и петгодишен битолчанец, во моментов е хоспитализиран во Центарот за дијализа во Струга, бидејќи имал проблеми со бубрезите, а неговата сопруга е хоспитализирана во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Директорот на Центарот за дијализа во Струга, Александар Попоски, вели дека битолчанецот 15 дена престојувал во Занзибар, а последните два дена имал симптоми на ковид-19.

„Пациентот сега е стабилен. Афебрилен е моментално. Рендгенски, еднострано има една почетна состојба на бронхопневмонија. Има покачен ЦР-протеин, кој е маркерна инфекција. Температура засега нема и е изолиран“, рече Попоски.

Оваа ситуација ја натера Комисијата за заразни болести да донесе одлука и да предложи нова мерка – двонеделен карантин за сите што ќе се вратат од африканските земји. Но, од Министерството за здравство не ја исклучуваат можноста и за нови порестриктивни мерки за заштита.

„Во моментов мерките што се во сила даваат резултат. Во зависност од епидемиолошката состојба и врз основа на проценка од страна на стручните лица, можно е и понатамошно заострување на мерките со цел заштита од ширење на вирусот во државата“, ни рекоа од Министерството за здравство.

Каков е јужноафриканскиот сој?
Сите вируси, вклучувајќи го и оној што предизвикува ковид-19, постојано мутираат во нови варијанти и соеви. Повеќето мутации може да бидат безначајни, но она што ги загрижува експертите е тоа што јужноафриканскиот сој се шири полесно и побрзо.

Во анализата на Би-би-си се вели дека засега нема официјална потврда дека оваа варијанта е посмртоносна или дека создава потешко заболување. Но, она што се знае е дека овој сој е ризичен за повозрасните лица, но и за оние со претходни хронични заболувања.

Она што дополнително ги загрижува епидемиолозите е дека со јужноафриканскиот сој може да заболат лица кои веќе еднаш го прележале „оригиналниот“ ковид-19. Тие го нарекуваат уште и „пандемија во пандемија“.

Slovenija, Golnik, 01.01. 2021, 01. januar 2021 Cepljenje medicinskega osebja v bolnišnici na Golniku. Medicina, koronavirus, Covid 19, Pfizer BionTech, cepivo, zdravje, bolnišnica, detajl, injekcija, Foto:Žiga Živulović jr./BOBO

Откако се појави овој сој на вирусот на крајот на декември минатата година, производителите на вакцините против ковид-19 започнаа да прават испитувања дали тие ќе дејствуваат против оваа мутација, како и против британската мутација.

Компанијата „Фајзер/Бионтек“ и Универзитетот во Тексас изработија студија за јужноафриканскиот сој на вирусот и велат дека тој влијание на нивото на антитела, односно го намалува. Сепак, според нивната студија и само една примена доза од вакцината го намалува ризикот од потешко заболување.

Слични резултати се добиени и од клиничките испитувања на компанијата „Модерна“, односно се покажало дека вакцината штити од тешко заболување, со што директно му помага и на здравствените системи, со намалување на бројот на хоспитализирани.

Европската агенција за лекови (ЕМА) кон средината на февруари, побара од сите производители на вакцините против ковид-19 да направат испитувања и да споделат информации дали вакцините штитат од трите потврдени соеви од Јужна Африка, Бразил и Британија.

Многу наши патувале и ќе патуваат во Занзибар
За патување на овој архипелаг на Индискиот Океан постои огромен интерес и Занзибар го има во понудата на македонските туристички дестинации, особено затоа што за патување дотаму не е потребен негативен ПЦР-тест.

Се патува авионски преку Истанбул, а ниту за таму не е потребен тест, бидејќи не се напушта аеродромот додека се чека конекцијата.

Од агенциите велат дека и цените се привлечни. Единаесетдневен аранжман (девет ноќевања), на пример до Занзибар, чини околу 1 000 евра и дека во февруари многу нашинци се вратиле презадоволни. Наредниот термин е кон крајот на март.

Сепак, секој што патува во оваа егзотична дестинација треба да има предвид дека земјата не презема ништо за спречување на ширењето на коронавирусот.

И покрај сериозната опасност, претседателот на Танзанија (Занзибар е нејзина полуавтономна сојузна единица) Џон Магуфули се противи на вакцинацијата и смета дека таа е опасна за населението.

„Ако белите луѓе можеа да пронајдат вакцина, тоа веројатно ќе го стореа со вакцина против ракот, сидата, туберкулозата, маларијата. Граѓаните сами треба да се заштитат од овој вирус, на пример, со инхалации на пареа“, изјави тој неодамна и го предупреди министерот за здравство да не влегува во авантура со набавка на вакцини од други држави.

Танзанија веќе шест месеци нема испратено ниту еден извештај за состојбата со коронавирусот на нејзината територија и се смета за жариште од кое низ светот се шири последната мутација, која е исклучително опасна.

Од Занзибар и Намибија пристигна во Хрватска и Словенија
Овој сој е доминантен во Јужна Африка, но го има во најмалку 20 други земји, вклучувајќи ги Австрија, Норвешка и Јапонија, Велика Британија, а од неодамна пристигна и во нашиот регион во Хрватска и Словенија.

Првите случаи во Хрватска и Словенија беа регистрирани на 27 февруари и тоа кај лица што се вратиле од патување од Африка.

Хрватскиот епидемиолог Горанка Петровиќ вели дека по секвенционирање на 300 примероци во Европскиот центар за контрола на болести потврдена е и јужноафриканската варијанта кај две лица што се вратиле Занзибар.

Во Словенија заразата со јужноафриканскиот сој е потврдена кај лекар вработен во Клиничката болница во Марибор. Заразениот минатата недела со уште неколку лица престојувал во Намибија. Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар изјави дека уште две лица што биле со него во Африка се позитивни и оти и тие најверојатно се заразени со истата мутација. Нивните контакти се ставени во карантин.

Во С Македонија подоминантен е британскиот сој
Британскиот сој, пак, веќе извесен период е присутен во целиот регион. Повеќе од два месеци го има и во Северна Македонија. Пред еден месец Министерството за здравство официјално информираше дека анализите откриле дека тој бил детектиран кај пациент што бил позитивен уште на крајот на декември 2020 година.

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена рече дека околу 70 проценти, според лабораторијата во Клиниката „Жан Митрев“, е присутен британскиот сој.

„Првичните испитувања укажаа на тоа дека е полесно пренослив, што значи дека може да зафати поголем број луѓе во пократок временски период. Меѓутоа, истовремено и убавото време ги тера луѓето да не ги почитуваат превентивните мерки. Се случува слично и во околните земји. Следиме што се случува и во Албанија и во Србија, имаме зголемен број пациенти, посебно во некои градови, во болницата во Кавадарци и Прилеп, во охридската болница… Засега нема нагло растење на кривата како во ноември. Мерките засега се добри и ситуацијата се следи“, рече министерот Филипче.