Тодоров: Заев по стоти пат политички го тресна од земја Мицкоски

По вчерашното изгласување доверба за Владата се огласи поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров со став дека сѐ додека Христијан Мицкоски е на чело на партијата, Зоран Заев ќе си игра мајтап со ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде на власт.

Според Тодоров, има три причини да го сметаат вчерашниот ден за разочарувачки, а првата е што опстана Владата предводена од Заев.

„Не ѝ беше изгласана недоверба и овој факт не може и не смее да го направи среќен било кој наш член или симпатизер без разлика дали се согласува или не со политиките на актуелното раководство. Никогаш не сум ликувал и никогаш нема да ликувам на кој било пораз на ВМРО, без разлика на тоа кој го води ВМРО и дали лично се согласувам или не со претседателот на партијата. Затоа велам, жалам што опстои владата предводена од Заев и СДСМ“, напиша Тодоров во објава на Фејсбук.

Втората причина за разочараност, како што вели, е фактот што излегла на виделина лагата дека има ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО.

„Кај сите членови се подгреваше лажна надеж од страна на Мицкоски дека владата е готова, падната, и дека за неколку дена ова ќе биде реалност. За жал, Заев на еден брутален начин, политички, го тресна од земја Мицкоски по стоти пат. Јасно е, сѐ додека Мицкоски е на чело на ВМРО, Заев ќе си игра мајтап со ВМРО и ќе биде на власт во државата. Мицкоски си оди, Заев си оди“, пишува Тодоров.  

Третата причина за разочараност ја гледа во фактот дека „сопартијци, очи си вадат по социјалните мрежи, со погрдни зборови и лоши мисли“, а причината за длабоката поделба, според него, е Мицкоски.

„Мицкоски си оди, ВМРО се обединува! Само сплотени можеме да станеме модерна, европска, центар десна партија и само така ќе си ги повратиме изгубените над 150.000 гласови. Или ќе останеме робови на минатото или ќе покажеме храброст и визија за иднината“, вели Тодоров.