Иницијативен одбор: Време е Мицкоски да ја ослободи партијата

Иницијативниот одбор за конгрес во ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно преку соопштение побара оставка од лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Велат дека е лажго кој ја држи партијата во заробеништво. 

„Вчера секој искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ очекуваше триумф. Му веруваше на се уште актуелниот претседател Мицкоски и очекуваше новото парламентарно мнозинство, кое што тој велеше дека го има, да му изгласа недоверба на Зоран Заев. Наместо прослава, партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена“ се вели во соопштението. 

Од иницијативниот одбори велат дека се видело дека Мицкоски свесно ширел еуфорија дека успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина.

„Високи партиски извори на Мицкоски пред две недели преку опозициската ТВ Алфа го брифираа членството дека тој обезбедил 61 пратеник за ново мнозинство, но работел на зголемување на бројот на пратеници, односно дополнително стабилизирање на мнозинството. Самиот Мицкоски уште во октомври лани најави дека разговал со пратеници од владеачката коалиција кои сакале да го напуштат Заев. Претходно, кон крајот на јули, го убедуваше Централниот комитет дека имал подобра позиција од СДСМ за формирање на влада, па побара и доби овластување да преговара за составување на ново мнозинство“ – се вели во соопштението