Заев: Нема да дозволам блокада на Собранието

Одговарајќи на новинарско прашање за случувањата околу довербата на Владата, премиерот Зоран Заев рече дека вчерашната потврда за довербата во Владата, носи одговорност да се одблокира работата на Собранието каде што се закочени клучни Закони кои се во функција на развој на државата.

– Најважни се Законот за енергетска ефикасност. Енергетската ефикасност и заштедата е важна исто колку и инвестициите. Имаме 25 милиони евра за државните институции и 10 милиони евра за општинските институции, тоа значи обновување на детски градинки, обновување на школи, болници, спортски сали и слично. Вториот е 50 милиони евра од Светска банка за земјоделството, за откупни пунктови Струмица, Скопје и Ресен, ама најголемата суштина и придобивка на проектот е зголемување на продуктивноста во земјоделието, како од еден хектар со помалку трошоци да имаме поголемо производство, како да го осовремениме нашето земјоделство – рече Заев.

Го објасни и третиот проект, трамвајот на тркала за Скопје, што според него ќе чини 70 милиони евра и за кој како што рече не треба да има потреба од натегање меѓу опозиција и власт.

– Сите да застанеме, брзо да го реализираме тоа. Да не зборувам за законите од областа на културата, на здравството, од петтиот пакет мерки за помош директно кај граѓаните. Тоа е недозволиво. Нема да дозволам како претседател на Влада блокада во Собранието – порача Заев.

Премиерот најави дека во наредните денови следат и нови политики, со една конечна цел, како што рече, поголем напредок, зголемена ефикасност во државата, соработка, инклузија, кооперативнот на ниво на консензус.

Собранието вчера попладне и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратениците усно го побара премиерот Зоран Заев.