Пристигна договорот со „Фајзер“, на крајот на месецов добиваме 21.000 вакцини, уверува Заев

Првите вакцини од „Фајзер“, според договорот со компанијата, стигнуваат до крајот на март, а преку сите постојни механизми, направено е сѐ што е неопходно и договорени се вкупни количини до 2,5 милиони вакцини, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

„Договорот од ‘Фајзер‘ стигна, во првиот квартал, тоа значи дека до крајот од март ќе ги добиеме првите 21.000 вакцини. Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини. Не се работи за несериозност, заради тоа што единствена причини е недостатокот на производство во делот на количини на вакцини за која било вакцина. Тоа е проблемот. Ние сме мала земја, сакам да го осигурам и му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како Министерство за здравство имаме направено повеќе од тоа што е доволно, имајќи предвид дека ќе треба отприлика еден милион народ да се вакцинира за да ја постигнеме имунизацијата, за која би било потребно да има два милиона вакцини. Ако ги броите 800.000 ‘Фајзер‘, 833.000 преку Ковакс механизмот,  400.000 од Кина, 200.000 имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согласно грантот од 70 милиони, донациите кои што дополнително ги најавија сите соседи, ние стигаме до 2,5 милиони. Значи сме направиле исчекор повеќе за да ги фатиме сите механизми, сите алатки, да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс да платиме сѐ со конечна цел да преземеме сѐ што е неопходно. Јас верувам, како што реков пред некој ден, денови се во прашање“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање во Штип, каде што присуствуваше на почетокот на изградбата на далекуводот Штип – Овче Поле.

Од Министерството за здравство информираа дека производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Македонија ќе ѝ испорача вкупно 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини.

Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена да се чува 6 часа. Како што велат од Министерството, нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација.

Инаку, со вакцината на „Фајзер-Бионтек“ веќе се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација.